БЕТОН: ДО НАС НЕ Е СТИГНАТА ИНФОРМАЦИЈА ЗА СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА, продолжуваме во напорите за враќање на старите патеки
Раководниот тим на градежната компанија „Бетон“ негира дека е отпочната постапка за отворање стечај за компанијата и истакнуваат оти нивните намери за враќање на компанијата на старите патеки продолжуваат.
Првиот човек на Бетон, за „Фактор“ вели дека согласно последните сознанија не е почната постапка за стечај.
- До овој момент до нас како раководно тело не е стигната информација за почеток на Предлог за отворање на стечајна постапка. Ние продолжуваме во нашите напори и ветување да се врати компанијата на старите патеки. Компанијата пред краток период до Берза го испрати својот план за санација на компанијата кој планираме да го реализираме - посочува Горан Мауровски, генерален директор на „Бетон“.
Фактор претходно објави дека на некогашниот градежен гигант на маките им нема крај, повикувајќи се на покана од Сојузот на Синдикати на Македонија за почеток на постапка за стечај.
- Во зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија, сала на 6ти кат, на 27.09.2022 година закажана е прес конференција на која свои изјави ќе дадат Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија, Иван Пешевски и Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски. Изјавите ќе бидат во врска со поднесувањето на Предлог за отворање на стечајна постапка односно за престанок на работодавачот ДГ БЕТОН АД Скопје - стои во соопштението од ССМ.
П.О.
