Бесими: Пад на економијата од 4,4 проценти, буџетскиот минус дури 920 милиони евра
За над 162,6 милиони евра се зголемува буџетот на државата со новиот, втор ребаланс годинава кој пред малку го образложи министерот за финансии Фатмир Бесими. За толку пари ќе пораснат вкупните расходи на државата со новото прекројување, додека приходите остануваат на исто ниво. Со овој ребаланс државата ќе има рекорден буџетски дефицит од дури 920, 3 милиони евра или 8,4 проценти од БДП (Брутодомашен производ). Министерот рече дека овој минус нема да се финансира со ново задолжување од надвор, туку од депозитите на државата и од задолжување со хартии од вредност на домашниот пазар. Владата го крои овој ребаланс со прогноза за пад на домашната економија односно пад на БДП за 4,4 процентни поени, што е пониско остварување од првично очекуваното.
„Овој ребеланс се прави за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки, и очекуваме дека ќе донесе стабилност. Со овој пакет ќе придонесеме за ублажување на ударот и ќе се создаде услови за солиден раст, рече Бесими.
Според него ова е една од најголемите кризи досега. Во буџетот за годинава, според новиот ребаланс, приходите се позиционирани на 196, 4 милијарди денари или остануваат на исто ниво. Расходите се зголемуваат за 10,1 милијарди денари или за 162,6 милиони евра и се планирани на ниво од 253 милијарди денари.
Со дополнителните пари ќе се реализираат мерките од четвртиот пакет меѓу кои за Домашната платежна картичка – 1,6 милијарди денари (27 милиони евра). За Викенд шопинг - Викенд без ДДВ, се предвидени 17 милиони евра, а за Државна гарантна шема и царинска гаранција – 799 милиони денари (13 милиони евра). За грантови за игротеки, туристички агенции, ресторани за свадби се предвидени 5,5 милиони евра.
Капитални расходи за годинава се 18,4 милијарди денари, пониски од првичните.