Бесими: Македонија кога-тогаш ќе мора да се приклучи кон европските санкции за Русија
Порано или подоцна Македонија ќе мора да ги следи насоките на Европската унија и да се приклучи кон санкциите за Русија, што ги воведуваат западните земји, смета вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.
Иако ова прашање уште не било разгледувано на Влада, Бесими нагласува дека приоритетите на земјава се јасни и дека доколку Унијата тоа експлицитно го побара од нас, ќе мора и ние да ги воведеме санкциите кон Русија.
„Евроатланската интеграција и членството во ЕУ се стратешки приоритети за Македонија. Затоа земјава детално ќе ги следи насоките од Брисел во сите политики. Ова се однесува и на последните санкции што ЕУ ги воведува кон Русија“, вели Бесими.
Тој утре ќе замине во Брисел, каде што европските претставници се очекува да му го презентираат првиот драфт на извештајот за напредокот на земјава за годинава. Не ја исклучува можноста на средбите во Брисел едно од прашањата што ќе му биде поставено да биде токму воздржаноста на Македонија досега во поглед на европските санкции на Москва.
Македонија и Србија, иако се земји-кандидатки за членство, досега не ги воведуваат европските санкции за Русија, како што тоа веќе го направија Црна Гора и Албанија.
Бесими не може да претпостави дали оваа политика на Македонија ќе биде една од точките за кои земјава ќе добие критики во претстојниот бриселски извештај.
Слично
