Бесими: Ќе биде лошо ако Македонија не добие препорака
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими очекува најновиот извештај за напредокот на Македонија, што Европската комисија ќе го објави на 8-ми октомври, да даде реален приказ за состојбите во земјава, но и повторно да содржи препорака за почеток на преговорите за членство.
„Препораката до последен ден не ја кажуваат, но ние сме ангажирани до последен момент да направиме се за таа да остане. ако оваа година препораката изостане ќе биде лошо. Важно е да има препорака за да сме фокусирани, но и за Македонија да има покомотна позиција во разговорите со Грција и Бугарија. Нашата позиција зависи директно од извештајот на Европската комисија“, вели Бесими.
Иако се надева дека Комисијата и во новиот состав по шести пат ќе ја повтори препораката дека Македонија е подготвена да започне преговори, Бесими не е голем оптимист дека повторно од Европскиот совет ќе добиеме „зелено светло“ за старт на преговорите без решение за спорот со името.
Од новиот состав на Европската комисија, во кој наместо еврокомесар за проширување има еврокомесар за соседство и преговори за проширување, вицепремиерот за евроинтеграции не очекува поголема промена во односот кон Македонија.
„Проширувањето сепак останува на агендата на Европската унија. Комисијата може за својот мандат да си определи поголеми или помали приоритети, но не може да ги менува основните постулати на Унијата“, вели Бесими.
Сепак, за него очекувани се изјавите од Брисел дека ново проширување нема да има во следните пет години, затоа што ниту една земја не е во толку напредна фаза од преговорите за да може да стане членка во овој период.
Новата Европска комисија ќе треба да одлучи и за судбината на Пристапниот дијалог на високо ниво, инструментот кој ги одржуваше реформските процеси во Македонија во отсуство на преговорите. Еврокомесарот кој доаѓа на должност ќе треба да реши дали овој инструмент, воспоставен од неговиот претходник, останува или ќе замине во историја без да успее да ја приближи Македонија кон Унијата.
Слично
