Бесими: Имаме помал државен долг од 24 земји, ќе има реорганизација на јавниот сектор
Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата последна колумна оценува дека надворешниот долг е стабилен во ковид-кризата, но во иднина најавува реорганизација на јавниот сектор и рационализација на администрацијата како дел од мерките за закрепнување на националната економија.
„Планирано е намалување и на тековните расходи преку рационализација на расходите на јавната администрација, оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација, оптимизирање и реорганизација на јавниот сектор, дигитализација на добар дел од јавните услуги. Во насока на рационализација на расходите, се става акцент и на подобрување на реализацијата на капиталните расходи преку воспоставениот КАПЕФ механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи, понатаму методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст – ПИМА и методологија за оценка на реализацијата на капиталните инвестиции преку Smart Key Performance Indicators, како воведување на тела за следење на извршувањето на капиталните инвестиции“, најавува министерот.
Бесими вели дека ќе следува период на фискалната консолидација која е планирано да се постигне преку подобрување на наплатата на буџетските приходи преку зајакнување на капацитетите и подобрување на услугите на УЈП и Царина, преку мерки за намалување на сивата економија, мерки за спречување и сузбивање на корупцијата итн, но и преку намалување и реструктурирање на буџетските расходи со кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, намалување на тековните расходи, поголема поддршка на приватниот сектор, иновациите и зајакнување на конкурентноста, како како и со промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит.
„Во регионот, покрај Грција, Албанија има најголем раст на долгот од 15,6 процентни поени и државен долг од 83,3% од БДП, понатаму Словенија со раст од 14,9 процентни поени и долг од 81% од БДП и Хрватска со 14,5 процентни поени раст на долгот и државен долг од 87,7%. Од 38 земји, Република Северна Македонија има понизок државен долг од 24 земји и помал раст на државниот долг во 2020 година од 22 земји. Особено е важно долгот да биде на одржливо ниво, кое според проценките на ММФ во извештајот за земјава од април 2020 година за македонската економија, не надминува 70% од БДП“, додава Бесими.
Планот за финансирање на заздравувањето вклучува и зголемување на вкупните инвестиции во економијата, како и да се мобилизираат повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор.
„Со тоа, ќе се зголемат вкупните инвестиции, ќе се забрза растот на бруто-домашниот производ и ќе се забрза отворањето нови работни места. Планот се состои од креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија. Се планираат јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти и проекти на приватниот сектор“, пишува Бесими.
