БЕШЕ ЕДЕН ОД 45-ТЕ НАЈБАРАНИ КРИМИНАЛЦИ ВО ЕВРОПА - Турците го уапсија црногорскиот мафијашки шеф
Турската полиција во Истанбул го уапси црногорскиот мафијашки бос Жељко Бојаниќ, по кого Интерпол распиша меѓународна потерница.
Бојаниќ беше обвинет и за убиството на Србинот Риста Мијановиќ.
Копање на дворот во потрага по телото
Според пишувањата на локалните медиуми, полициски екипи го пребарале и ископале дворот на вилата во која се криел Бојаниќ, сомневајќи се дека телото на Мијановиќ може да биде закопано таму. Потрагата ќе продолжи и во наредните денови.
Мијановиќ беше член на кланот Шкалјар, кој од 2014 година беше во судир со кавачкиот клан на Бојаниќ. Кавачкиот клан во септември беше обвинет во Истанбул за злосторството на шефот на Шкалјар Јован Вукотиќ, пишува Блиц.
Си-Ен-Ен Турк објави дека Бојаниќ, кој го носи прекарот „Борис“, е меѓу 45-те најбарани криминалци во Европа и дека во Турција влегол со лажен пасош на име Анделју Белчев Јордан. Кликс пишува дека медиумите објавиле дека за убиството на Вукотиќ на членовите на турската банда чиј водач бил затворен во Италија им биле исплатени околу еден милион евра.
Вукотиќ, кого Србија го бараше, пред три години беше фатен во Турција и екстрадиран во Србија, каде по судењето беше ослободен, но очигледно се врати во Турција со лажна лична карта и пасош, исто како и Бојаниќ. Околу 50 луѓе се убиени во конфликтот меѓу двата клана од 2014 година.
