Економија, финансии, бизнис

Контакт

БЕРЗАНСКИ ПРЕГЛЕД: Инвеститорите фаќаат залет?!

БЕРЗАНСКИ ПРЕГЛЕД: Инвеститорите фаќаат залет?!
Акцијата на „Комерцијална Банка“ и дефинитивно беше акција на месецот, и според обемот и според цената која покажа нагорни тенденции. Затоа за неа напишавме одвоена анализа која може да ја прочитате на следниот линк. Духот на Комерцијална банка, по две години, излезе од шишето! Но еве што се случуваше со другите акции и што може да се очекува во пресрет на годишните финансиски извештаи. „Алкалоид“ очекувано е втора според обем на остварен промет. Прометот со таа акција во јануари изнесува 12,5 милиони денари и тоа е една третина од целиот промет на сегментот „берзанска котација“ на Официјалниот пазар. Ценовната маргина во која се тргуваше таа акција е 5.300 до 5.430 денари со тоа што повисоката беше почетната цена, а пониската е последна цена. Води кон заклучок дека во последните денови инвеститорите се свртеа кон „Комерцијална“. Но да почекаме, „Алкалоид“ наскоро ќе ги објави податоците од својот годишен финансиски извештај каде се очекува дивиденда од околу 220 до 240 денари за акција , со оглед на традицијата и стилот на зголемување на дивидендниот износ на „Алкалоид“ кој  е константен, сигурен и лесно предвидлив и очекуван од инвеститорите. „Макпетрол“ е трета акција според остварениот промет и тој изнесува 4,75 милиони денари. Прометот е остварен со тргување на акцијата во маргина од 17.500 до 18.000 денари. Главен импулс за оваа ценовна маргина која според многумина е високо ниво во овие услови на работа е тоа што Андреја Јосифовски во два наврати од ноември до јануари објави дека купува акции во „Макпетрол“ компанијата што ја води долги години наназад. Со тој потег тој врши две важни ценовно – чувствителни операции. Прво ја чисти секоја поголема количина на страната на понудата и не дозволува да ја урива цената и второ делува психолошки позитивно кај дел од вработените акционери дека не е се загубено. Генерално, очекувањата на инвеститорската јавност за таа акција се дека годишниот извештај ќе биде негативен и дека компанијата ќе ја заврши 2014 година со загуба, а овие шпекулации се засновани на досегашните квартални извештаи што ги објави таа компанија. Заспаниот „Гранит“ е на четврто место по реализираниот промет и тој изнесува 2,9 милиони денари. По долготрајна летаргија, нешто позитивно, но спекулативно се случи со цената на таа акција во последниот трговски ден кога таа достигна ниво од 539 денари за акција. И со тоа се случи „Гранит“ во овој период да има најширока ценовна маргина од 54 денари за акција што надминува 10 отсто споредувајќи ги највисоката и најниската цена. Годишниот извештај се очекува да биде позитивен, но дивидендата не се очекува да надмине 15 денари за акција. „Скопски пазар“ се најде во петте најтргувани акција на сегментот „берзанска котација“ и тоа веројатно заради борбата за превласт врз мнозинскиот пакет акции помеѓу најмалку два табора што се води подолго време во таа компанија. Вкупниот промет со таа акција беше 2,46 милиони денари за 307 акции по единствена цена од 8.244 денари за акција. Тоа се случи во два трговски дена и во само две трансакции што е гранитен аргумент за поларизацијата на односите меѓу двата табори. Р.Ф.  
Слично

Поврзани вести