Економија, финансии, бизнис

Контакт

БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: Воздржаност во очекување на политичка разврска!

БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: Воздржаност во очекување на политичка разврска!
Трговска недела во која има две главни вести. Првата е дека „Комерцијална банка“ оствари квартална загуба од 8,5 милиони евра, истовремено со рекордно високи нето приходи од камати во износ од 11,73 милиони евра. Втората е дека најликвидните акции на подсегментот „задолжителна котација“: НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка Скопје и Македонски телеком ги засенија и победија големите ривали од подсегментот „берзанска котација“. Трите акции заедно направија промет од 13 милиони денари. Наспрема нив на подсегментот „берзанска котација“ само две акции имаа промет над еден милион денари: „Алкалоид“ и „Макпетрол“ и двете заедно вкупна реализација од 2,82 милиони денари. Овие податоци доволно говорат за ликвидноста, условите и капацитетот на нашиот пазар на капитал. Сигурно дека врз овој резултат, освен стандардните услови, ново влијание имаат и политичките премрежија, а според многу инвеститори, несигурност за вложувања пред се предизвикана од политичкиот скандал со аферата со објавувања на снимени разговори за кои најголемата опозициска партија тврди дека се воделе меѓу високи функционери на двете најголеми партии на власт. Едноставно речено многумина се воздржуваат од инвестициски операции иако имаат средства за тоа. Да се фокусираме на првата вест: „Комерцијална банка“ објави загуба од 8,5 милиони евра. Очекувано по објавата на резултатот допре ново ценовно дно – 1.700 денари за акција. И официјално таа акција ја постигна најниската цена во период од една година. Вкупниот промет со таа акција изнесува 20,6 милиони денари за четири дена. Но во еден ден беа истргувани над 90 отсто од сите акции тргувани во таа седмица. За еден ден, во средата пред објавата на кварталниот финансиски извештај, беа истргувани 10.540 акции по просечна цена од 1.750 денари за акција. Ова беше најголема истргувана количина во период од 5 месеци по 10 декември лани кога биле истргувани 11.015 акции по цена од 2.089 денари. „Алкалоид“ оваа седмица оствари промет од 1,12 милиони денари во ценовна маргина од 4.870 до 4.950 денари. „Алкалоид“ објави добивка од работењето во првиот квартал што стимулативно влијаеше врз потенцијалните купувачи, а резултат на тоа е и крајната неделна цена од 4.950 денари за акција. Во милионерите беше и „Макпетрол“ кој иако нема добри финансиски резултати се тргува над маргина од 19.000 денари за акција. Прометот со таа акција изнесува 1,7 милиони денари.
Слично

Поврзани вести