БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: „Реплек“ и „Гранит“ извадија 75 отсто од прометот на “берзанска котација“
“Реплек“ убедливо најтргуван со промет од 18 милиони денари остварени само во петокот при што некој купи 1,2 отсто од акциите со право на глас
Скромна, здодевна и анемичка трговска седмица на Македонската берза. До толку скромна што три блу-чип акциите заедно имаа промет што беше понизок од 8 милиони денари, а ситуацијата макар и условно речено ја извади „Реплек“ – акција што изненадувачки имаше промет од 18 милиони денари.
Колку беше анемична изминатава седмица доволно говори тоа што „Комерцијална банка“ имаше промет понизок од еден милион денари – нешто што одамна не се случило, а „Алкалоид“ имаше промет понизок од 2 милиони денари.
Вкупниот промет со акции на подсегметот безанска котација оваа седмица беше вкупно 30,8 милиони денари, а повеќе од половина од тоа беше со акцијата на „Реплек“. И да не биде состојбата „дибидус“ се погрижи некој купувач на „Реплек“ кој во петокот – последниот трговски ден извади 17 милиони денари и купи над 1,2 отсто од акциите со право на глас во компанијата чија претежна дејност е трговија со медицинска опрема, но има операции и во малопродажниот сегмент на стоки за широка потрошувачка и во угостителството.
„Гранит“ како втора акција според обем на промет се тргуваше по веќе видено сценарио. Големи количини во неколку трансакции. Оваа седмица во два дена. Прво во вторникот 5.522 акции и потоа уште 2.658 акции во петокот. Вкупниот промет со таа акција неделава е 5,1 милиони денари, а ценовната маргина е 562-575 денари за акција.
„Алкалоид“ можеби и очекувано забележа мала корекција откако претходно ја достигна највисоката годишна цена. Оваа седмица ја отвори со цена од 5.210 денари за акција, а последната цена постигната во петок беше 5.050 денари за акција. Како и да е таа акција успешно, досега, ја остави зад себе психолошката маргина од 5.000 денари.
Кај „Комерцијална банка“ остана впечатокот дека оваа седмица остана во сенка на надмудрувања и мерење на трпението меѓу понудувачи и купувачи. И двете страни остануваат на свое иако забележлива е мала корекција во однос на претходната седмица. Во недостиг на нови официјални ценовно-чувтствителни информации не може да се предвидуваат идните тенденции на најликвидните акции на нашата берза. Ако се гледа искуствено или историски следи период во кој не можат да се очекуваат значајни позитивни трендови.
„Макпетрол“ успеа да оствари промет повисок од еден милион денари и останува акција од условно-речено „големата четворка“. И кај таа акција оваа седмица атрибут е плиток пазар и слабоизразена корекција. Засега нема показатели кои можат да укажат на промена на трендот.
На подсегментот „задолжителна котација“ најзначајни се тргувањата со обичната акција на „Стопанска банка Скопје“ која беше и акција со најголем промет и „Прилепска пиварница“. Акцијата на најголемата банка оствари промет од 1,5 милиони денари, а пиварницата во доминантна домашна сопственост успеа да натфрли промет од 1 милион денари.
Р.Ф.
Слично
