БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: По третина од целиот промет за „Алкалоид“ и за „Гранит“!
„Гранит“ во понеделник со промет од 10,55 милиони денари, а во петок „Алкалоид“ оствари промет од 6,76 милиони денари. Се друго што се истргува беше во вредност од одвај 12 милиони денари. Сигурно трговска седмица што брокерите и берзата сакаат да ја заборават уште веднаш. Има ли влијание политичката криза врз психологијата на инвеститорите?
Повеќе од скромна понуда на настани и активности, силна воздржаност кај купувачите и кај продавачите, сиромашна трговска седмица која и брокерите и берзата ќе сакаат да ја заборават уште веднаш затоа што вкупниот промет на сите пазарни сегменти е помал од 30 милиони денари. А со такви износи на неделни промети невозможно е да се преживее и да се работи.
И во оваа бедна понуда на пазарот структурата на остварениот промет ја дефинираа две акции – блучипови и тоа во два различни дена.
Во понеделникот на отварањето на берзанската седмица акцијата на „Гранит“ имаше голем промет. Беа истргувани 18.640 акции со просечна дневна цена од 566 денари за акција и промет од 10,55 милиони денари само за таа акција во понеделникот. А вкупниот промет во целта седмица беше 10,94 милиони денари. Тоа беше повеќе од една третина од целиот промет на берзата во изминатава седмица! Факт е дека ваква ситуација е „дежа ви“ на нашиот пазар на капитал особено кај „Гранит“ и особено во контекст на „трејдерските афинитети“ на некои од неговите акционери. Дали тргување беше за да се постигне или фати некаков просек потребен на имателите на тие акции можеби и нема да дознаеме, но факт е дека од „Гранит“ сме виделе вакви тргувања кои некои од инвеститорите популарно и во слег ги нарекуваат „договорени трансакции“.
Во петокот беше реализирана и втората третина од целиот промет на берзата. Беше реализиран со акцијата на „Алкалоид“ која и оваа седмица беше најактивната акција на пазарот. Беа истргувани 1.230 акции во 15 трансакции по просечна дневна цена од 5.500 денари за акција. Вкупната реализација со „Алкалоид“ во петокот изнесува 6,76 милиони денари. Вкупниот седмичен промет со акцијата на „Алкалоид“ оваа седмица изнесува 10,54 милиони денари. Таа акција оваа седмица се тргуваше во маргина од 5.700 денари до 5.410 денари за акција. Тргување отвори во понеделникот со цена од 5.700 денари за акција, но постигната само со две истргувани акции. Потоа цената на таа акција се корегираше и се движеше во тесна маргина од помалку од 50 денари и тоа од 5.450 до 5.500 денари за акција.
Трета по промет и последна од трите „милионери“ според остварениот промет беше акцијата на „Комерцијална банка“. Нејзината реализација во оваа седмица изнесува 2,56 милиони денари. За одбележување кај таа акција е што оваа седмица се тргуваше во , за неа, нормална маргина од четириестина денари – значи без значајни осцилации. Маргината изнесуваше 1.961 денари – 2.000 денари за акција. „Комерцијална банка“ во понеделникот оствари најзначаен промет кога беа истргувани 714 акции од вкупно тргуваните 1.285 акции по просечна цена од 2.000 денари за акција. Како што и досега сме пишувале кај таа акција забележливо во овој период од годината дека побарувачката се зголемува под ценовната маргина од 2.000 денари, но околу таа психолошка граница забавува и значајно се намалува интересот на купувачите.
За истакнување од останатите акции е тоа што уште едниствено обичната акција на НЛБ „Тутунска банка“ забележа промет над еден милион денари. Реализацијата на таа акција изнесува 2,4 милиони денари и тоа беше промет постигнат само во еден ден тргување и тоа беше реализирано во маргина од само еден денар од 5.400 до 5.401 денар за акција.
Слично
