Економија, финансии, бизнис

Контакт

БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: „Македонијатурист“ најпосакувана, „Алкалоид“ најтргуван

БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: „Македонијатурист“ најпосакувана, „Алкалоид“ најтргуван
Прометот со акцијата на „Макпетрол“ порасна за 15 пати во споредба со претходната седмица, а во време непосредно пред да го објави извештајот во кој откри дека е во загуба и тоа четврта година по ред Прометот на „Макпетрол“ порасна за 15 пати во оваа седмица во споредба со претходната, а тргувањето со акциите на „Македонијатурист“ порасна тројно повеќе во одно на претходната седмица. И оваа седмица, трет пат по ред, најг\тргувана е акцијата на „Алкалоид“, но прометот е помал за 30 отсто во однос на претходната седмица. Меѓу најтргуваните очекувано се и „Комерцијална банка“ која бележи раст на прометот со ценовна корекција, а меѓу најтргуваните повторно е и „Гранит“ благодарејќи на „флеш“ прометот постигнат во вторникот кога поминаа 2.500 акции на просечна цена од 590 денари. На сегментот „задолжителна котација“ убедливо најактивна акција беше „Прилепска пиварница“ со промет од 2,4 милиони денари речиси целиот постигнат во четвртокот кога беа истргувани 117 од вкупно 119 тргувани акции, ова е сублимат на сите најактуелни случувања на нашиот пазар на капитал кои се значајни за евиденција и вредни да се споменат како значајни атрибути на трговската седмица која по ништо не отскокна од просекот на промет, тргувања и настани на нашата берза. Во овој преглед да тргнеме со ред, од најликвидниот – „Алкалоид“. Прометот падна за 30 отсто во споредба со претходната седмица, проследен со слаба, но присутна ценовна корекција која е резултат на заситувањето на инвеститорите од таа акција која подолго време е клучен „маркет-мејкер“ на нашиот пазар. Цената се движеше од 5.375 до 5.300 денари за акција, а прометот изнесува 6 милиони денари, акцијата се тргуваше сите пет трговски дена. Очигледно е дека полека интересот на инвеститорите моментално се намалува за таа акција особено откако беше објавен и износот на нето дивиденда кој во однос на последната пазарна цена е околу 3,6 отсто. Веројатно е да се очекува дека во идниот краткорочен период може да се очекува блага корекција на таа акција, а тоа да биде проследено со пад на количествата што се тргуваат на пазарот. Ќе видиме дали поголем број инвеститори сега ќе се решат да ја продадат таа доходовна акција особено со оглед на тоа што пазарот не нуди моментално некоја атрактивна алтернатива. Втората акција според остварениот промет е „Комерцијална банка“. Односот на понуда и побарувачка доведоа до корекција на цената и таа акција затвори тргување на цена од 1.950 денари, а највисоката цена беше 1.980 денари за акција. Падот на цената предизвика слаб, но видлив стимул на страната на побарувачката затоа што пазарот ги апсорбираше сите понудени количества акции на цена од 1.950 денари. Акцијата се тргуваше 4 трговски дена. Засега нема конкретни вести кои може да убедат инвеститори да вложат во таа акција на краток или на среден рок. Предлог за дивиденда нема, парите ќе одат во резерви, а не се очекува барем засега некоја сензационална вест дека банката значајно ќе ги подобри своите деловни перформанси во првиот квартал годинава. Да, единствена охрабрувачка вест е дека „Комерцијална банка“ и годинава ќе земе солидна дивиденда од нејзиниот капитал во „Прво пензиско друштво“ кое управува со фонд во вториот пензиски столб и кое за лани има добивка од 1,2 милиони евра, за малку пониска добивка од целиот профит за лани на „Комерцијална банка“. „Макпетрол“ направи изненадувачки висок промет за многумина кои ги следат пазарните движења. Во пет дена се истргувани акции вредни 2,9 милиони денари, а во четврток беа истргувани две третини од тие акции, а во петокот безмалку половина од сите акции. Што се случи во тие два дена кој кому продаде и кој и зошто купи останува да се види. Дали цената од 20.000 денари за акција е добра? Ќе видиме. Дискутабилно е особено заради тоа што во петок „Макпетрол“ го објави годишниот неконсолидиран извештај во кој најголемиот продавач на нафтени деривати на мало во Македонија бележи загуба од 106 милиони денари. И тоа е четврта година по ред во која „Макпетрол“ бележи загуба. Секој сериозен инвеститор ќе се замисли и ќе анализира зошто „Макпетрол“ четири години по ред работи со загуба и ништо не се менува во неговата деловна политика. Значајна за истакнување оваа седмица е акцијата на „Македонијатурист“. Прометот изнесува 2,3 милиони денари и е тројно повисок од реализацијата во претходната седмица. Акцијата достигна цена од 3.900 денари. Веројатно дека очекувањата за дивиденда , кои се реални, ја подигнаа цената на таа акција. Особено заради тоа што за цена од 3.900 денари ќе се добие нето дивиденда која е барем иста како таа што ја носи акцијата на „Алкалоид“, во моментов, е 36 отсто поскапа од таа на „Македонијатурист“. Секако дека тоа што приносот за акција на „Македонијатурист“ ќе биде за 36 отсто повисок од тој на „Алкалоид“ е гранитен аргумент за многумина дека оваа акција е посакувана и треба да се купи. Но дали се анитципира ризикот со растечката конкуренција во хотелскиот бизнис во Скопје? Секој има своја математика и аргументи. И на крај на кратко за „Гранит“ – повторно по кој знае кој пат една трансакција создава слика за таа акција за целото неделно тргување. Тука нема простор ниту мотив за коментирање и анализа. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести