БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: Инвеститорите полудеа по државните обврзници, за 15 часа вложија 1,85 милиони евра!
Во обврзниците за денационализација – гарантирани од државата инвеститорите вложија 114,5 милиони денари односно по 122.670 евра во секој час од оваа трговска седмица. Дали продавачи беа филијали на странските банки во земјава затоа што сега им поскапуваат вложвањата во првокласни хартии гарантирани од држави кои не се членки на ЕУ? Засега нема одговор, но реакцијата на инвеститорите е повеќе од очигледна, купуваа во голема мерка се што се нудеше на пазарот.
Државните обврзници апсолутно доминираа на пазарот на капитал во првата трговска седмица во февруари. Вкупната вредност на истргуваните обврзници за денационализација изнесува 114,5 милиони денари (над 1,85 милиони евра). Различно од тргувањето досега е во тоа што оваа седмица видовме дека се тргуваат и обрзници од постари емисии за разлика од она што сме навикнати да гледаме тргување на обврзници за денационализација од 13 емисија (т.е. издадени 2013 година).
Во седмицата што измина оваа обврзница беше само една од шесте обврзници од различни години кои се тргуваа на пазарот. Најтргувана беше обврзницата од 9 емисија која оствари промет од 52 милиони денари,а се тргуваше во маргина од 95 отсто до 96,3 отсто од номиналната вредност. Втора според обем на тргување беше обврзницата од 4 емисија (која достасува годинава) со промет од 36,2 милиони денари, а тргувана по единствена цена од 99,5 отсто од номиналната вредност. Обврзницата од 10 емисија се тргуваше до промет од 17,6 милиони денари по единствена цена од 95,7 отсто од номиналната вредност. Промет од 6,5 милиони денари оствари обврзницата од 13 емисија, а промет од 2,2 милиони денари оствари обврзницата од 12 емисија.
Иако не се познати продавачите на обврзниците за денационализација, а се претпоставува дека во одредена мерка се македонските филијали на банките од ЕУ, се гледа дека купувачи има затоа што се работи за првокласни хартии од вредност гарантирани од Република Македонија.
Во сенка на тргувањето со обврзници оваа седмица беа акциите на македонските компании. Единствени акции со промет над еден милион денари во класично тргување на сите пазарни сегмнети беа акциите на: „Комерцијална банка“, „Алкалоид“ и на „Макпетрол“.
Најголем промет втора седмица по ред има акцијата на „Комерцијална банка“. Реализацијата е 5,2 милиони денари за тргување во маргина од 2.050 до 2.130 денари за акција. Од тоа што можеше да се види на пазарот оваа седмица очигледно е дека маргина до 2.100 денари е најприфатила за најголем број од купувачите кои сега сакаат да вложат во акцијата на една од најголемите македонски банки.
На втората позиција според остварениот промет е „Алкалоид“. Прометот е 2,6 милиони денари, а е остварен во ценовна маргина од 5.101 до 5.150 денари за акција. Со оглед на фактот дека наближува времето за исплата на дивиденда се поизвесно е дека се намалуваат изгледите да падне и пазарната цена на таа акција. Барем до официјалната објава на износот и на датумот за исплата на дивиденда.
„Макпетрол“ и понатаму се држи одлично од аспект на ликвидност на пазарот согласно со условите кои владеат на македонскиот пазар на капитал. Прометот со таа акција изнесува 1,5 милиони денари во ценовна маргина од 21.260 денари до 21.700 денари за акција. Во очекување на последниот квартален извештај очигледно е дека не може да се очекува зголемување на пазарната цена на таа акција. Можеби заради тоа што мноштвото инвеститори очекува дека компанијата за 2014 година ќе книжи загуба. За нив макар и нулата е позитивен резултат, но никој засега не избрзува со подигнување на цената.
Слично
