БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: Недела на рекорди!
Изминатава седмица осум акции забележаа нови највисоки рекордни пазарни цени. Од помалку ликвидните акции оваа седмица ја одбележа Стопанска банка Скопје чии акции беа многу барани, а обичната акција се тргуваше сите пет дена
Ценовната корекција на „Комерцијална банка“, рекордните цени на „Гранит“ и на „Стопанска банка Скопје“ и стабилниот „Алкалоид“ ја одбележаа трговската седмица во која вкупно осум акции постигнаа највисоки годишни цени. Очигледно дека тргувањето на нашиот пазар на капитал полека, но сигурно влегува во полето на интерес на пошироката домашна инвеститорска јавност.
„Гранит“ е акцијата со најголем промет и нова рекордна цена која сепак не беше одраз на реалното расположение на инвеститорската заедница. Затоа што цената беше постигната во еден ден (четврток 6 ноември) кога беа истргувани 10.468 акции на „Гранит“ со остварен промет од 6,07 милиони денари во тој ден. Четвртокот очигледно дека беше денот во кој купувач и продавач на таа акција разменија голем квантум по таа акција при што беше постигната и највисоката годишна цена од 580 денари. Сепак во петокот акцијата на „Гранит“ се тргуваше 15 денари пониско од највисоката цена. Вкупниот седмичен промет на „Гранит“ беше 7,63 милиони денари.
„Комерцијална банка“ оваа седмица доживеа значителна ценовна корекција и тоа се случи по објавата на кварталниот извештај во кој банката бележи раст на приходите од камати, но и понатаму е во загуба. Прометот на таа акција е 4,39 милиони денари, а во четвртокот таа забележа пад до ниво од 2.037 денари иако претходно се тргуваше по цена од 2.160 и 2.150 денари. Сепак шокот траеше кратко, а сите што купија на 2.037 денари од оваа перспектива се покажа дека направиле добар потег заради тоа што акцијата се врати на ниво од 2.100 денари за акција , а така и затвори седмично тргување.
„Македонијатурист“ на момент блесна и тоа на цена од 3.800 денари и оствари промет од 3,1 милиони денари. Таа акција се тргуваше четири дена, но огромен дел од прометот беше остварен во вторник и среда кога беа истргувани 753 акции од вкупно 813 акции тргувани во тек на целата седмица.
„Алкалоид“ е очекувано меѓу најтргуваните акции со промет од 2,87 милиони денари. Со објавата на позитивниот квартален биланс на успех оваа компанија се тргуваше во маргина од 4.900 до 4.800 денари за акција. „Макпетрол“ оваа седмица имаше солиден промет – 2,65 милиони денари и маргина од 24.500 до 22.500 денари за акција. Ќе видиме како ќе биде тргувањето во идната недела, по објавата на кварталниот биланс на успех во кој компанијата објави загуба во работењето.
Во групата најтргувани се најде и „Топлификација“ малку подзаборавена акција која порано беше во фокус на инвеститорите. Прометот со таа акција изнесува 3,8 милиони денари, а 3,5 милиони денари беа реализирани во четвртокот кога беа истргувани 1 отсто од сите акции на таа компанија по единствена цена од 800 денари за акција. Веројатно тој настан го подгреа интересот на инвеститорската јавност за таа вредносна хартија.
Оваа седмица многу поактивно од вообичаеното и на задолжителната котација. Особено обичната акција на „Стопанска банка Скопје“. Нова рекордна цена од 410 денари за акција. Прометот навистина за почит – 4,5 милиони денари особено ако се има во предвид колкаво е количеството на слободни акции на таа голема банка. Растот ја зафати и приоритетната акција која затвори тргување на цена од 450 денари – нова рекордна годишна цена. Овде за одбележување е и прометот на „Прилепска пиварница“ – 1,4 милиони денари и нова рекордна цена од 19.800 денари. Значаен промет оствари и акцијата на Македонската берза за хартии од вредност – 5,7 милиони денари.
Оваа седмица рекордни цени имаа и акциите на скопски „Бетон“ 5.747 денари, Витаминка“ 8.400 денари, битолска „Квасара“ – 10.020 денари, и на прилепски „Мермерен комбинат“ откако компанијата објави дека ќе дели дивиденда од 40 денари бруто износ за акција. Таа акција се тргуваше по цена од 565 денари.
Треба да се напомене и тоа дека оваа седмица беа истргувани и 8.838 акции на ТТК Банка по цена од 700 денари за акција и со промет од 6,2 милиони денари.
Р.Ф.
Слично
