Берзанска анализа: генерална воздржаност, ќе има ли придвижување?
Ако за Алкалоид се согласуваме дека суверено „владее“ на пазарот на хартии од вредност, од останатите случувања од претходната трговска седмица треба да го рекапитулираме тргувањето со „Комерцијална банка“ која, како што и прогнозиравме, остана солидно ликвидна акција под и до маргината од 2.000 денари , цена на која и го затвори тргувањето во втората седмица од февруари.
Прометот изнесува 5,47 милиони денари и е остварен во пет трговски дена. Значајно е да се истакне тоа што „Комерцијална банка“ оваа седмица се тргуваше во маргина од 70 денари (од 1.941 денари до 2.011 денари за акција) што за таа акција е солидно-длабока маргина. Очигледно е дека инвеститорите кај „Комерцијална банка“ се значително повоздржани во споредба со одлуките при купување и продавање „Алкалоид“.
Недостигот на ценовно чувствителни информации за таа голема банка и нејзините финансиски резултати секако дека влијаат врз расположението на инвеститорите кај таа акција.
Трет на листата според остварениот промет и оваа седмица е „Макпетрол“ со реализација од 1,36 милиони денари. Акцијата на најголемиот малопродажен ланец за нафтени деривати забележа корекција на пазарната цена до ниво под 20.000 денари , а најниската цена беше 19.950 денари. Таа акција оваа седмица достигна највисока цена од 20.800 денари, а се тргуваше во 4 дена. Тенденцијата на таа акција ја постави солиден налог на продажната страна што ја диктираше корекцијата. Тенденцијата е дека инвеститорите се воздржани и не очекуваат значајно позитивен финансиски годишен извештај за 2014 година. Токму од тие причини и тоа што „Макпетрол“ нема акумулирана добивка од која може да дели дивиденда и не треба да се очекува некој остар ценовен раст на таа акција.
И на крај, исто како и минатата седмица, во милионерите се најде повторно и акцијата на „Скопски пазар“.
Прометот е 1,22 милиони денари, а се тргуваше три дена во ценовна маргина од 20 денари т.е. 7.546 до 7.564 денари за акција.
На подсегментот „задолжителна котација“ доминираше НЛБ Тутунска банка со промет од 2,05 милиони денари, маргина од 50 денари од 5.400 до 5.450 денари за акција. Солиден промет оствари Телеком со реализација од 0,6 милиони денари во ценовна маргина од 1 денари (282-281 денар за акција).
Слично
