БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: „Алкалоид“ се бараше како да е државна обврзница
По долго време видовме големи куповни налози без скриени количини и без тактизирања. „Алкалоид“ потврди дека во моментов во конкуренција на најликвидните е најпосакувана акција.
„Алкалоид“ е акција на неделата, без конкуренција. Прометот највисок во споредба со другите акции. Изнесува 17,8 милиони денари, акцијата ја проби магичната граница од 5.000 денари за акција. Сигурен настап на купувачи како што не сме виделе одамна на нашиот пазар на капитал. Уште една потврда за тоа колку се цени и како се вреднува акцијата на најсилната македонска извозна фармацевтска компанија. Купувачи со налози за големи количини.
Видовме куповни налози за 300, за 400 акции. Без вкрстувања, без скриени количини, отворено на „ачик“ или на „мегдан“ со отворени карти. Се најдоа и продавачи за овие сериозни купувачи или купувач. Истргувани се вкупно 3.554 акции. Се започна во вторник се појави првиот покрупен налог на куповната страна. На крајот на денот истргуваната количина беше 1.388 акции. Просечната цена 4.991 денар за акција. Следниот ден поминаа 305 акции, а цената стигна и остана на 5.000 денари за акција. Се бараше, но тактизираа продавачите. Истата тактика и во четвртокот. Цената 5.000 денари за истргувани 132 акции. Во петокот, традиционално познат како добар ден за продажби, продавачите се отворија и не додржаа. Истргувани 1.586 акции, а просечната дневна цена достигна 5.025 денари за акција. Очигледно дека некој проценил дека вреди на овие нивоа на ликвидност и на цени вреди во „Алкалоид“ да се вложат 17 милиони денари (над 275.000 евра) во два дена. Или некој има квалитетна информација или едноставно направил добра математика дека на долг рок ќе излезе насмеан од продажбата на таа акција.
Од другите настани во берза и неделава видовме веќе видено вкрстување на „Гранит“ во четвртокот кога поминаа 6.991 акција со право на глас. И тоа од вкупно 9.332 акции истргувани во текот на целата седмица. Реализирани во само за „Гранит“ малубројни 45 трансакции. Цената се одржува на високо ниво по исчекување на кварталниот финансиски извештај кој според очекувањата треба да биде книговодствено позитивен. И да го оправда ова ценовно ниво чија горна маргина е 580 денари за акција. Прометот со таа акција неделава беше 5,33 милиони денари со што „Гранит“ остана втора најтргувана хартија од вредност на Официјалниот пазар.
Акцијата на „Комерцијална банка“ оваа седмица беше во дефанзива и купувачите без пострпливи од продавачаите. Сепак прометот е низок за просеците на „Комерцијална банка“, а тоа веројатно се должи на тоа што акцијата бележеше пад на почетната седмична цена од 2.150 денари на 2.083 денари за акција. Последната седмична цена беше 2.100 денари, а прометот е 2,86 милиони денари.
Единствена нова акција во фокусот на инвеститорите оваа седмица е битолска „Стопанска банка“, која има солидни и експанзивни финансиски резултати. Достигна и нова рекордна годишна цена. Веројатно тоа и беше мотив на некои вредни и претприемчиви вложувачи кои побрзаа да купат пред другите „Стопанска банка Битола“ за во своето инвеститорско портфолио. Таа акција забележа ценовен раст од 1.563 до 1.690 денари за акција, а тргувањето го заврши со 1.600 денари за акција. Прометот е 2,23 милиони денари.
Од другите настани и случувања треба да се одбележи дека спласна еуфоријата и ослабна куповната страна кај „Стопанска банка Скопје“, дека Телеком беше најтргувана акција на сегментот задолжителна котација откако слезе под маргината од 300 денари. „Прилепска пиварница“ бележи висок промет и влезе во орбитата на највисоката годишна цена и се тргуваше на ниво до 19.000 денари за акција. ТТК Банка успешно ја заврши јавната понуда и во целост ги продаде понудените акции по цена од 700 денари за акција.
Р.Ф.
Слично
