БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: „Алкалоид“, „Прилепска пиварница“ и „Стопанска банка Скопје“ со нови рекордни цени
Очигледна е зголемена доза оптимизам кај инвеститорската заедница која ги поттикнува нагоре пазарните цени на некои од акциите иако нема ценовно-чувствителни информации. Прометот на најликвидните акции паѓа со исклучок на „Алкалоид“ кој имаше повисок промет од претходната седмица веројатно заради рекордната цена. Кај другите ликвидни акции понудувачите резервирани и покрај зајакнатата побарувачка.
Акцијата на „Алкалоид“ оваа трговска недела ја проби рекордната цена и постави нова највисока годишна цена на нивото од 4.900 денари за акција што претставува раст од 4,25 отсто во споредба со последната највисока годишна цена од 4.700 денари постигната во претпоследната трговска седмица, која беше почетна цена во оваа трговска седмица. Прометот постигнат оваа седмица изнесува 4,63 милиони денари и таа беше најтргувана акција. Во споредба со претходната седмица прометот е повисок за 2,7 милиони денари.
Оптимизмот кај инвеститорите е присутен, а доказ за тоа се високите пазарни нивоа на кои се тргуваат и другите најликвидни акции: „Гранит“ и „Комерцијална банка“. Акцијата на најголемата македонска градежна компанија се тргуваше во распон од 519 до 549 денари за акција. „Комерцијална банка“ му го отстапи приматот најтргувана акција на „Алкалоид“. Нејзиниот промет е 3,1 милиони денари односно 4,6 милиони денари помалку од претходната седмица иако ценовната маргина е многу близу до 2.200 денари за акција. Многу расположени продавачи немаше. Акцијата се тргуваше во маргина од 2.180 до 2.191 денар за акција, а тргување затвори на цена од 2.190 денари за акција. Таа е единствената акција од четирите акции што имаа промет поголем од милион денари која се тргуваше три трговски дена, за разлика од другите кои се тргуваа во сите четири трговски дена на оваа пократка берзанска седмица.
Голем пад на прометот забележа акцијата на „Макпетрол“ кој беше проследен и со пад на цената. Акцијата затвори тргување на 22.000 денари за акција што претставува пад од 5,3 отсто во споредба со највисоката цена постигната претходната седмица. Прометот на „Макпетрол“ изнесуваше 1,84 милиони денари и е понизок за 3,3 милиони денари во споредба со претходната седмица.
Најголем промет на пазарот оваа седмица имаше државната обврзница за денационализација од 13 емисија со 45,22 милиони денари што е 74 отсто од целиот промет. Сите акции тргувани на Официјалниот пазар имаа промет од 15,8 милиони денари.
За одбележување е тоа што акцијата на „Прилепска пиварница“ достигна ниво од 16.000 денари што е нова највисока годишна цена со раст од 1.000 денари во однос на претходната цена постигната исто така овој месец. Имаше само една трансакција со 100 акции. Исто така и „Стопанска банка Скопје“ достигна нова рекордна годишна цена од 285 денари за акција и оствари промет од 0,41 милиони денари. Од другите активности за истакнување е и тоа што беа истргувани 8,11 отсто од Клириншката куќа – Интербанкарски систем (КИБС) компанија која врши порамнување на интербанкарскиот пазар. Прометот беше реализиран во три трансакции од кои две беа блок трансакции. Акциите беа тргувани по единствена цена од 15.000 денари за акција, а прометот беше 29,8 милиони денари. На својата јавна понуда на акции „ТТК Банка“ најде купувач за 6.780 акции односно за 0,75 отсто од капиталот на банката. Трансакцијата вредна 4,75 милиони денари беше реализирана по единечна цена за акција од 700 денари.
Р.Ф.
Слично
