Економија, финансии, бизнис

Контакт

Берза: „Алкалоид“ најбарана акција, цената на „Комерцијална банка“ порасна!

Берза: „Алкалоид“ најбарана акција, цената на „Комерцијална банка“ порасна!
Трговска седмица во целосна доминација на двете најликвидни акции: „Алкалоид“ и „Комерцијална банка“. И двете со зголемен обем на тргување во споредба со претходната седмица, „Алкалоид“ се тргува во истиот ценовен режим како и минатата седмица, а акцијата на „Комерцијална банка“ две седмици по ред бележи раст на пазарната цена која за овој период порасна од 1.980 денари до 2.135 денари за акција. „Макпетрол“ повторно трета најтргувана акција според остварениот седмичен промет овој пат со благ раст на пазарната цена „Алкалоид“ и „Комерцијална банка“ се акциите кои ја одбележаа трговската седмица што измина. Уште една потврда дека најбаран и најпосакуван материјал за тргување на нашата берза се токму овие акции. „Алкалоид“ се тргуваше ценовната маргина од 5.050 денари до 5.099 денари исто како и минатата седмица, но со остварен промет од 7,66 милиони денари. Прометот со акцијата на „Алкалоид“ бележи раст од 2,56 милиони денари во споредба со претходната седмица односно 50.000 евра повеќе. Многу е веројатно да се претпостави дека инвестоторите сега особено се заинтересирани за „Алкалоид“ затоа што очекуваат во блиска иднина акции да купуваат и членовите на менаџерскиот тим на најдобрата македонска фармацевтска компанија согласно со нивните корпоративни договори ова е активност што ја прават традиционално секоја од изминативе пет години. Тоа на инвеститорите кои купуваат акции во „Алкалоид“ им дава сигурност дека во опдеделен среденорочен иден период таа акција заради зголемената побарувачка нема да паѓа туку напротив постојат значајни шанси и да порасне нејзината пазарна цена. Дополнителна гаранција дека нема да загубат е и фактот што годинава наскоро може да очекуваат и дивиденда што може да изнесува помеѓу 220 и 230 денари за акција во нето износ. А тоа е принос од 4,5 отсто на последната постигната пазарна цена оваа седмица. Во споредба со годишната каматна стапка што би ја добиле од некоја домашна деловна банка за штедење во евра ова е неспоредливо поприлечна инвестиција особено заради тоа што може да биде квартално, а не годишно вложување. Акцијата на „Комерцијална банка“ и оваа седмица продолжи со снижен, но за нејзината пазарна историја, значаен раст на пазарната цена. Оваа седмица таа акција се тргуваше во маргина од 2.060 до 2.130 денари за акција. Оствари промет од 3,46 милиони денари. Тоа е половина милион денари повеќе од прометот што го оствари таа акција во претходната седмица. Очигледно е дека инвеститорите се порезервирани кон „Комерцијална банка“ во споредба со нивниот пристап кон акцијата на „Алкалоид“. Можеби заради тоа што не знаат дали банката ќе дели дивиденда за минатата година како што не подели дивиденда за 2013 година. Но како и да е оваа акција е нивниот втор избор од понудата на нашиот скромен и плиток пазар на капитал. А очигледно дека за поголем дел од инвеститорската заедница во вакви услови на пазарот „Комерцијална банка“ е добро купување и на цена од 2.000 до 2.050 денари за акција. Во седмицата што измина таа акција постигна раст на пазарната цена од 3,4 отсто што е сосема солиден ценовен раст за пет дена особено ако се има во предвид „Комерцијална банка“. Од другите тргувани акции оваа седмица единствено уште две се најдоа во групата акции со промет повисок од еден милион денари. „Макпетрол“ е со промет од 1,4 милиони денари забележа и ценовен раст и се тргуваше во маргина од 21.600 до 22.200 денари за акција. Оваа акција во последните две седмици се наметнува како трет избор на инвесторите кои тргуваат на нашата берза. Изненадувачки оваа седмица и „Скопски пазар“ успеа да се најде во милионерите со промет од 1,1 милиони денари акции кои се тргуваа во ценовна маргина од 8.000 до 8.244 денари за акција. На сегментот „задолжителна котација“ најтргувана акција беше НЛБ Тутунска банка со промет од 1,06 милиони денари во ценовна маргина од 5.350 до 5.400 денари за акција. Втора, очекувано, беше акцијата на Македонски телеком со промет од половина милион денари во ценовна маргина од 285 до 292 денари за акција. Акцијата на „Прилепска пиварница“ повторно втора седмица по ред бележи нова рекордна пазарна цена која сега изнесува 21.800 денари за акција, но не се одржа на таа цена во тек на целата седмица.
Слично

Поврзани вести