БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: “Алкалоид“ и „Витаминка“ со највисоки годишни цени, „Макпетрол“ во фокусот!
Акцијата со најголем промет беше повторно „Комерцијална банка“, а најтргувана хартија од вредност беше државната обврзница за денационализација од 13 емисија
Акцијата на „Алкалоид“, ценовно најстабилната акција на домашниот пазар на капитал во седмицава што е зад нас повторно на највисока годишна цена од 4.700 денари за акција. На таа цена акцијата затвори тргување, откако претходните две седмици се тргуваше на цена од 4.600 денари. Таа акција се тргуваше во сите пет трговски дена и седмичниот промет е 1,89 милиони денари што во споредба со претходната седмица бележи значаен пад од 4,86 милиони денари.
Голем пад на прометот проследен со очекуван пад на цената, оваа седмица имаше и „Гранит“, кој претходно ја достигна рекордната годишна цена од 566 денари за акција. Оваа седмица прометот на таа акција „олади“ од 10,3 милиони денари на 1,93 милиони денари, а ценовната маргина беше 550 со 520 денари за акција. И таа акција се тргуваше во сите пет трговски дена.
Изненадувачки за инвеститорската заедница, макар за значаен дел, беше солидниот промет на „Макпетрол“. Повеќе од двојно поголем од реализацијата постигната во претходната седмица. Имено, во маргина од 22.500 денари до 23.249 денари се истргуваа 225 акции во сите 5 трговски дена, а прометот со „Макпетрол“ достигна 5,17 милиони денари што е за речиси 3 милиони денари повеќе од прометот постигнат во претходниот период на тргување. И при тоа, обемот на тргување е значително зголемен во оваа недела, а највисоката постигната неделна цена е пониска во споредба со максималната цена постигната претходната седмица.
Навистина е интересно иако не е обајсниво засега зошто таа акција е во центарот на интерес на некои инвеститори во услови кога, иако е непотврдено официјално, не се очекува позитивен финансиски извештај за третиот квартал. Можеби се шпекулира на некаква понуда? Или едноставно некој проценил дека во моментов вредноста на таа акција е доста потценета иако компанијата, како што напишаа менаџерите во годишниот извештај за 2013 година, објавен пролетва, се соочуваат со нелојална конкуренција. Како и да е, факт е дека „Макпетрол“ во неделава што измина беше приоритет на агендата на купувач или група или независни купувачи на акции.
„Комерцијална банка“ оваа недела, по минатонеделното лидерство на „Гранит“ се врати на врвот на листата најтргувани акции според остварениот промет. Нејзиниот промет е 7,67 милиони евра и е за нијанса поголем од прометот во претходната седмица. Ценовната маргина беше 2.150 – 2.199 денари за акција, а се тргуваше во 4 дена. Значи оваа акција го задржа ценовното ниво и прометот од претходната недела. Од она што во оваа седмица го видовме на страните на понудата на акции и на побарувачката за акции од „Комерцијална банка“ веројатно е дека и во седмицава што претстои не треба да се очекува некое големо изненадување и дека ако не биде објавен третиот квартален извештај таа акција ќе остане во маргината од 2.150 денари до 2.200 денари за акција.
Во групата најликвидни акции оваа седмица се најде и битолската Стопанска банка со промет од 1,27 милиони денари постигнат во три трговски дена, а акцијата се тргуваше во маргина од 1.415 до 1.450 денари.
Значајно да се истакне за сегментот „берзанска котација“ е новото рекордно ценовно ниво на акцијата на прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“. Иако мора веднаш да се потенцира дека акцијата е со ниско ниво на ликвидност, но заради тоа што ретко се јавуваат продажни налози. Во една трансакција поминаа 115 акции по единствена цена од 7.702 денари за акција. Од тоа што може да се види се создава впечаток дека акцијата на таа компанија има потенцијал, компанијата има висока извозна компонентна, конкурентна е дома и во странство, постојано инвестира во производство и го зголемува приходот од продажби. За жал таа акција нема висока ликвидност, не се наоѓа често на понуда, а и досега дивидендите не беа високи во споредба со пазарната цена на таа акција.
На сегментот „задолжителна котација“ мора да се истакнат повторно двете акции кои најчесто и го прават тргувањето на тој сегмент, а тоа се акциите на НЛБ тутунска банка“ и на „Телеком“. Првата акција оваа седмица постигна раст на цената до 4.700 денари, се тргуваше во маргина од 100 денари, а оствари промет од 4 милиони денари во два трговски дена. Акцијата на „Телеком“, на изненадување на многумина, оваа седмица постигна ценовен раст од 30 денари во ценовна маргина од 290 денари до 320 денари за акција. Прометот изнесуваше 2,73 милиони денари, а се тргуваше сите пет трговски дена.
Најтргувана вредносна хартија на нашата берза по еднонеделна пауза беше државната обврзница за денационализација од 13 емисија со промет од 28,94 милиони денари.
Р.Ф.
Слично
