Економија, финансии, бизнис

Контакт

БЕРЗА ВОВЕДУВА „СТОП НАЛОГ“: Нови правила за тргување, како ќе одговорат инвеститорите

БЕРЗА ВОВЕДУВА „СТОП НАЛОГ“: Нови правила за тргување, како ќе одговорат инвеститорите

Се воведуваат два нови типа налози за тргување на Македонската берза. Комисијата за хартии од вредност вчера дала согласност на измените и дополнувањата на Правилата за тргување.  Со нив, како што се дознава, се воведуваат налозите – „пазарен во лимитиран налог“ и „стоп налогот“ со кои инвеститорите треба да имаат поголем избор при реализирање на своите цели. Во исто време, ќе се укине „налогот по најповолна цена“.

Инаку според новите правила кои ќе треба да бидат имплементирани, важењето на налозите повеќе нема да биде 90 дена, туку само 30 дена.

„Како причина за намалување на временското важење на налозите е и усогласување со новите законски измени кои се однесуваат на уредување на начинот на работа со посебната сметка од страна на овластените учесници. Исто така, дополнително јасно се допрецизираат правилата за регулирање на начинот на запишување на јавно понудени хартии од вредност преку Берза, а се додефинираат и условите за  организирање на јавна берзанска аукција на акции во сопственост на државата и на акции при продажба на големи пакети на акции. Измените и дополнувањата на Правилата за тргување ќе почнат да се применуваат 10 работни дена од денот на конечноста/правосилноста на Решението на Комисијата за хартии од вредност, велат од КХВ.

Инаку заради подолготрајна подготовка на имплементацијата на новите налози во БЕСТ системот, „пазарен во лимитиран налог“ и „стоп налогот“ ќе стартуваат 45 работни дена од конечноста односно од правосилноста на Решението на КХВ.

Од Македонска берза за Фактор велат дека Измените и дополнувањата на Правилата за тргување на Берзата се за да се воведе нова, технолошки посовремена верзија на БЕСТ системот.

„Новата верзија на БЕСТ системот подразбира функционално осовременување на истиот, односно воведување на одредени нови видови на налози за тргување кои ќе овозможат поширока лепеза на налози кои ќе можат да бидат употребени од страна на инвеститорите и уште подобро реализирање на нивните инвестициски цели на пазарот, велат од Македонска берза.

Оттаму објаснуваат дека таканаречен пазарен во лимитиран налог е вид налог во кој што клиентот не утврдува ограничувања во цената, односно ја прифаќа најдобрата цена на пазарот, при што, доколку налогот не се изврши во целост, остатокот од налогот се трансформира во лимитиран налог за преостанатата количина по цена по која е делумно извршен во фазата на отворен пазар или по аукциската цена формирана во фазата на отворање на пазарот или при прекинувачка аукција.

Стоп налог е вид на налог во кој што клиентот утврдува стоп цена, при  што налогот се активира во БЕСТ системот доколку при тргувањето со хартијата од вредност на која гласи налогот биде постигната утврдената стоп цена. До постигнување на стоп цената, овој вид на налог е неактивен и скриен во пазарната длабочина.

Од друга страна има два вида стоп налози- стоп пазарен налог, кај кој клиентот не утврдува ограничувања во цената и кај кој при постигнување на стоп цената налогот се активира како пазарен налог и може да се изврши доколку постојат услови за негово извршување на пазарот и стоп лимитиран налог, кај кој при постигнување на стоп цената налогот се активира како лимитиран налог по цена утврдена од клиентот и може да се изврши доколку постојат услови за негово извршување на пазарот.

А.Т.

Слично

Поврзани вести