Економија, финансии, бизнис

Контакт

БЕРЗА: „Големите“ се враќаат во игра!

БЕРЗА: „Големите“ се враќаат во игра!
Освен акцијата на „Алкалоид“ за која веќе напишавме дека постигна ценовно рекордно ниво од 5 300 денари, оваа недела беше интересна на берзата и за акциите на „Комерцијална“, „Хотели Метропол“, „Гранит“, „Скопски Пазар“. Се очекуваат акционерските собранија, со тоа растат и очекувањата кај инвеститорите, но да одиме по ред. Иинвеститорите очекуваат позитивни вести од „Алкалоид“ за дивиденда која е многу конкурентна дури и поатрактивна од банкарските камати, но очекуваат и неговите менаџери и годинава да купуваат акции од компанијата што ја раководат. Токму тие аргументи ја кренаа цената на акцијата на „Алкалоид“ една од најугледните домашни компании на ново рекордно ценовно ниво од 5.300 денари за акција. Прометот за изминатава седмица изнесува 5,1 милиони денари и во споредба со првата трговска седмица овој месец бележи зголемување од 96 отсто. Лебди дилемата „дали е веќе доцна да се влезе? „Комерцијална банка“ и оваа седмица е акцијата со најголем промет на нашиот пазар на капитал - 6,84 милиони денари или 30 отсто повеќе од прометот остварен во претходната седмица. Ценовната маргина во која се тргуваше таа акција е од 2.099 денари до 2.040 денари цена постигната во петокот на крајот од трговскиот ден. Забележливо кај акцијата на „Комерцијална банка“ е тоа што со мала ценовна корекција прометот се зголемува што укажува на тоа дека се поголем број инвеститори се потенцијално заинтересирани за таа акција на ценовно ниво што е близу до 2.000 денари за акција. Очигледно дека тоа е границата на која ќе се згусне страната на побарувачката, но само доколку има доволно големи количества акции на страната на понудата. Во спротивно додека да се појави нестрплив голем продавач купувачите се притаени и чекаат на готовс. Повеќе од очигледно е дека тактиката кај дел од трејдерите што ја тргуваат „Комерцијална“ е дека целта е 100 до 150 денари разлика во цена по акција во период од еден месец до месец и половина, што е принос за кој во банка би можело да се чека до девет месеци. Секако доколку се начека нервозен продавач или „зортлија“ кој би продал на или под цена од 2.000 денари за акција. Дополнително, инвеститорите кај „Комерцијална“ се многу порезервирани , во споредба на пример со „Алкалоид“, и заради тоа што не знаат дали годинава ќе има дивиденда. Мнозинството од нив шпекулира дека за тоа шансите се минимални, но никој не може да ја исклучи можноста дека оваа година можеби и ќе има макар и симболична дивиденда. Очигледно дека дел од трејдерската заедница, во недостиг на материјал за тргување, повторно го враќа „Гранит“ на трговската сцена. Како? Преку ценовната корекција... Акцијата која пред кратко време ја гледавме на 600 денари и тоа во период кога другите блу-чип акции мируваа или осцилираа во многу мала маргина наеднаш здивна и стивна. Очигледно дека повеќе немаше интерес за купување на ценовни нивоа од 590 до 600 денари за акција на историски највисоки цени кои беа достигнати за кратки временски интервали. Веројатно дека широката инвеститорска јавност не е подготвена да тргува на овие ценовни нивоа, па сега следува корекција. И при тоа прометот на „Гранит“ се крева до солидни 4,76 милиони денари, а од нив 3,62 милиони денари се промет остварен само во петокот. Веќе видено и тоа неколку пати досега.... „Макпетрол“ и оваа седмица е константен со промет, а бележи блага ценовна корекција во споредба со претходната седмица. Трговската маргина е 21.500 денари до 20.800 денари за акција, а прометот е 1,13 милиони денари. Изненадување на седмицата е тоа што акцијата на „Хотели Метропол“ се најде во групата на акции со промет што надминува 1 милион денари. ВО ценовна маргина од 300 до 280 денари беа истргувани акции во вредност од 1,4 милиони денари. И тоа акцијата се тргуваше во три трговски дена. Веројатно е дека тргувањето можеби го потикнало очекување кое е шпекулативно или инсајдерско за исплата на дивиденда што таа акција ќе ја направи атрактивна стока на нашиот пазар на капитал. Веројатно некои инвеститори очекуваат да се повтори минатата година кога „Метропол“ исплати 21 денар дивиденда за акција што како принос на последната постигната цена спореден со банкарските камати е неспоредливо подобро решение за влог на слободни средства. Но, тоа е во сфера на шпекулации и е инвестиција која носи соодветно ниво на ризик. За одбележување и е тоа што „Скопски пазар“ по подолго време е акција која ја проби маргината од милион денари промет за пет трговски дена. Маргината во која се тргувани тие акции е 7.720 денари до 7499 денари, а прометот е 1,13 милиони денари. Многу е веројатно дека во акционерската структура на таа трговска компанија тече процес на преструктуирање и некој вид на консолидација, но за тоа нема официјални информации, а количините се мали и не носат промени во структурата кои можат да се евидентираат во базата на Централниот депозитар за хартии од вредност. За истакнување на подсегментот „задолжителна котација“ се тргувањата со обичните акции на „Стопанска банка Скопје“ тргувана во маргина од 378 до 360 денари за акција со промет од 2,72 милиони денари сите пет трговски дена. Од аспект на прометот треба да се истакне и акцијата на НЛБ Тутунска банка со реализација од 2,7 милиони денари по единствена цена од 5.400 денари и тргувани само во еден трговски ден. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести