Берлин е екстремно загрижен за Македонија која не смее да се оддалечува од ЕУ
Берлин е екстремно загрижен за внатрешно-политичката состојба во Македонија, изјави денеска од Брисел германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.
Тој порачува дека земјава итно мора да ги исполни двата услови, односно создавање услови за демократски и слободни избори и целосна поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство.
„Политичките партии повеќе не смеат да го ставаат на тест трпението на меѓународната заедница и на Европската Унија и мора да остварат конкретни резултати. Македонија повеќе не смее да се оддалечува од Европа, туку мора да се врати назад на патот на приближувањето кон ЕУ“ – изјави тој. Состојбата во Македонија е ставена на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел. Ова е направено по барање на Германија.
