Бер: Општата амнестија ги штити политичарите од одговорност
Ако одлуката на Иванов се имплементира, тоа дополнително ќе го поткопа владеењето на правото во земјата.
САД се длабоко загрижени поради одлуката на македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, да ги помилува тие кои се предмет на истраги, а се поврзани со скандалот со прислушувањето, изјави денеска амбасадорот на САД во ОБСЕ, Даниел Бер.
Американскиот амбасадор спомна дека во Извештајот за човековите права на Стејт департментот за 2015 година, се наведува дека земјата се соочува со високо ниво на корупција.
„Општата амнестија која ги сопира понатамошните судски процеси, ги штити политичарите и нивните соработници од понатамошна одговорност и им ја оневозможува правдата на граѓаните на Македонија, кои јасно ја покажаа својата желба за целосна истрага и за судски постапки за криминалот кој е откриен со прислушуваните разговори. Затоа е важно сите лидери и партии да ја поддржат работата на Специјалното обвинителство, кое Собранието го постави како дел од Договорот од Пржино за да ги истражи сериозните обвиненија за злоупотребите на Владата“- пишува во реакцијата на Бер.
Тој објасни дека САД го поддржуваат демократскиот развој на земјава, како и работата на ДИК да подготви веродостојни избори. Бер додава дека одлуката на Иванов сериозно ја става под знак прашање способноста на државата да одржи фер избори на 5 јуни.
