Колку плаќаат Македонците за гориво споредбено со Европа?
Ескалацијата на конфликтот во Иран доведе до раст на цените на горивата низ Европа, но Германија е меѓу земјите кои се погодени најсилно. Цената на бензинот таму во последните недели пораснала за речиси 5 проценти, што е значително над просекот на Европската унија.

*Цените се изразени во евра
Разликите меѓу европските земји се значајни. Во Франција и Австрија цените на бензинот пораснале за околу 2 проценти, во Естонија за 3,6 проценти, а во Луксембург за 3,5 проценти. Во Словачка и Унгарија растот е речиси незабележлив – само 0,1 процент.
Според податоците на Европската комисија од неделниот билтен за нафта, највисоки цени на бензинот моментално плаќаат возачите во Холандија – околу 2,17 евра за литар. Германија е веднаш зад неа со просечна цена од 2,08 евра, додека и Финска е меѓу земјите со најскапо гориво во Европа.
Главната причина за ваквите разлики лежи во националните даночни политики. Германија традиционално има повисоки даноци и акцизи за фосилните горива, делумно поради еколошки политики и финансирање на инфраструктурата. Дополнително, се наплаќа и данок за емисија на CO₂, што ја зголемува конечната цена за потрошувачите.
Во некои други европски земји даноците и давачките се значително пониски, што ја прави крајната цена на горивото пониска.
Поради наглиот раст на цените, германската влада формираше работна група која треба да испита дали постои злоупотреба од страна на нафтените компании и дали може да се преземат мерки по примерот на други европски земји.
Некои држави веќе воведоа ограничувања на цените. Во Хрватска цената на бензинот е ограничена на околу 1,50 евра за литар, додека во Унгарија бензинот е ограничен на 1,51 евро, а дизелот на 1,59 евра – иако оваа мерка важи само за домашните жители.
Во Австрија пак важи поинакво правило: бензинските пумпи смеат да ги зголемат цените само еднаш дневно, точно напладне, додека намалувањата се дозволени во секое време.
Нафтената индустрија ги отфрла обвинувањата за манипулација со цените. Претставници на индустријата тврдат дека повеќе од половина од цената на горивото во Европа се даноци и државни давачки, па токму тие најмногу влијаат врз крајната цена.
Колку плаќаат возачите во Македонија?
Според последното усогласување на цените од Регулаторната комисија за енергетика, од 17 март 2026 година максималните малопродажни цени во Македонија изнесуваат:
ЕУРОСУПЕР БС-95 – 86,50 денари за литар
ЕУРОСУПЕР БС-98 – 88,50 денари за литар
ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 92,00 денари за литар
Екстра лесно масло за домаќинство – 89,50 денари за литар
Мазут М-1 НС – 47,453 денари за килограм
Ако се пресмета во евра, бензинот од 86,5 денари изнесува околу 1,40 евра за литар, што значи дека горивото во Македонија е значително поевтино од она во западноевропските земји како Германија или Холандија.
Сепак, експертите предупредуваат дека цените на горивата во Европа и регионот во голема мера ќе зависат од развојот на конфликтот на Блискиот Исток и стабилноста на светските пазари на нафта.
