БЕНЗИН ТУРИЗАМ ЈА ТРЕСЕ МАКЕДОНИЈА: Сите трчаат по поевтино во Македонија, ќе има ли ограничувања?
Продолжува трендот граѓани од соседните земји да доаѓаат во Македонија по поевтини горива, но и прехранбени производи, привлечени од пониските цени.
Албанските медиуми деновиве информираа дека граничниот премин „Ќафасан“ бил оптоварен со долги колони возила од албанска страна, при што граѓаните масовно влегувале во земјава за да точат гориво и да купуваат храна.
Според проценките, во првиот месец од војната на Блискиот Исток околу 10 отсто од горивото во Македонија го користеле странски државјани, додека веќе во вториот месец овој удел се зголемил на околу 15 проценти.
Најголем интерес има во пограничните градови – Дебар, Струга и Охрид на запад, Битола и Гевгелија на југ, како и Куманово на север.
Дали ќе има ограничувања?
Во дел од европските земји веќе се воведени мерки поради слични појави. Така, во Словачка горивото е поскапо за странци, додека Словенија воведе ограничувања за количините што можат да се купат.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, истакна дека во земјава има доволни резерви на нафта и дека во моментов нема потреба од воведување какви било ограничувања.
