БЕЛЈИ И ОРАВ ЗА ИЗБОРИТЕ: Лидерите да го исполнат она што го потпишаа!
Денес претпладне со заедничка изјава излегоа двајцата амбасадори од САД и ЕУ во земјава.
Џес Бејли во име на САД и Аиво Орав на Европската унија заедно упатија порака до политичките лидери да се концентрираат на она што го потпишале, алудирајќи на договорот од Пржино кој бара исполнување на реформски приоритети за кредибилни избори.
Во соопштението објавено на официјалната страна на Американската Амбасада во земјава, двајцата амбасадори во заедничка изјава укажуваат дека политичките лидери на земјава имаат одговорност пред граѓаните да ја вратат земјата назад на евроатлантскиот пат преку спроведување на нивните политички договори и на итните реформски приоритети.
„ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот во нивната работа за создавање на услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на избирачкиот список, спречување на било каква форма на заплашување или притисок врз гласачите, и обезбедување на фер медиумско покривање. Извесен прогрес е направен на овие полиња, но останува уште многу работа. Тоа е одговорност, не само на државните институции да подготват кредибилни избори, туку и на политичките партии. На 6 април се пропушти таква можност“, се вели во соопштението.
Од ЕУ и САД порачуваат дека заедно со другите меѓународни партнери ќе продолжат да го поддржуваат демократски развој, што вклучува и избори.
Ја поздравија работата на ДИК, како и и напорите на граѓанското општество во унапредување на оваа цел, воедно порачаа дека одблиску ќе ги следат случувањата во земјава, и ќе продолжат да ги споделуваат нивните гледишта.
