„Белиот орел“ ги отвора историските рани на Полска и Украина
Крајот на минатата недела беше одбележан со наглото влошување на односите меѓу Полска и Украина. Претседателот на Полска, Карол Навроцки, го оствари она што го најави. Му го одзеде на украинскиот претседател, Владимир Зеленски, највисокото полско одликување – орденот „Бел орел“, меѓу другото, за надминување на „прагот на болка“ на Полјаците. Овој орден се доделува од 18-иот век. Како одговор, Зеленски по пошта го прати орденот во Варшава. Од таков орден се откажаа и поранешните украински претседатели. Речиси сите видни украински политичари, кои добиле некакво одликување од Варшава, почнаа да се откажуваат од нив. Вистинска кампања.
На прв поглед историјата ги сплоти Украинците. Поводот за одземање на орденот, беше одлуката на Зеленски едно одделение на Силите за специјални операции да го именува „Хероите на УВА“. УВА-Украинска востаничка армија во Полска ја сметаат за организација одговорна за геноцидот од 1943 година на Полјаците за време на т.н. „Волински колеж“, кога беа убиени од 50 до 100 илјади државјани на Полска, меѓу нив, Полјаци, Евреи и Белоруси. УВА е военото крило на Организацијата на украинските националисти. Во современа Украина, нивните припадници ги сметаат за украински херои, кои во 1942 и 1943 година се бореле рамо до рамо со германските војски и против силите на Советскиот Сојуз.
Неодамна во Киев со највисоки почести беа погребани посмртните останки на лидерот на Организацијата на украинските националисти, Петар Мељник, кои беа пренесени од Франција. На ова реагираа Полска и Израел. Основач на ОУН беше, Стјепан Бандера, кој од страна на претседателот Виктор Јушченко, беше прогласен за херој на Украина. Но тогаш Полска премолчи. Во 2016 година парламентот на Полска злосторствата направени од ОУН и УВА ги прогласи за геноцид. И 11 јули беше прогласен за Национален ден на сеќавање на жртвите од геноцидот, направен од украинските националисти. Во тие години страдале и Украинци од полски партизански формации. До ден денес овие историски настани се спорни и околу нив се водат жестоки, спротивставени расправи, кои, еве, прераснуваат и во политички кавги, што би можеле да доведат до големи несогласувања.
Потегот од Навроцки беше поддржан и од премиерот, Доналд Туск, кој му е политички противник, но и голем пријател на Украина. Го поддржа и Лех Валенса, поранешниот претседател на Полска, кој рече дека „нема повеќе да го носи украинското знаме на реверот“ и нема да го поддржува Зеленски. Доналд Туск зборуваше за „кршење на полската историска чувствителност и повторното кревање на алармантно високо ниво на прашањето за историските разлики“. Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски, исто пријател на Украина, рече дека е „разочаран што претседателот Зеленски не ја зеде предвид нашата историска чувствителност“. „Ако се караме за минатото, тогаш некој друг ќе ни ја наметне иднината. Од полско-украинскиот спор за минатото полза ќе има само Путин“, рече Сикорски.
ПРОВОКАЦИЈА
За надминување на проблемот, украински претставници беа во Варшава, но Полска беше упорна. Да се поништи одлуката на Зеленски. Tој не ја поништи и Навроцки, ја донесе неговата одлука. Неа требаше да ја потврди Доналд Туск, но сега откако Зеленски го врати орденот во Варшава, му ја олесни работата. Ќе нема потреба што да потпишува против пријателите од Украина.
Историјата со „белиот орел“ беше само повод на површина да излезат напластените прашања од полско-украинските односи, а кои бараат одговори. Министерот за надворешни работи на Украина, Андреј Сибига, имаше жестоки изјави на полска адреса. Според него антиукраинските настроенија во Полска растат и Украина во иста мерка ќе одговара на непријателските чекори, особено ако тие чекори се непријателски и пренебрегнувачки во однос на Украина. „Ниту еден претседател на друга држава повеќе нема да ни ја диктира нашата историја. Времето на игнорирање помина“, рече тој. Сега под прашање е и Конференцијата во Гдањск посветена на обновата на Украина, а која ја подготвуваше Полска. Решение дали Украина ќе оди на таа конференција треба да се донесе денес. Доколку Украина не замине во Гдањска, тогаш гоа ќе биде удар за Полска и посебно за премиерот Туск, кој со месеци ја подготвуваше конференцијата, која треба да се одржи кон крајот на неделава.
Претседателот Зеленски, коментирајќи го конфликтот меѓу Варшава и Киев, го обвини Навроцки за провокација на „антиукраинско расположение“ и претпостави дека тоа лошо ќе заврши за него. „Тој го прави она што го правеше и Орбан. Само Орбан тоа го правеше одамна. Во однесувањето на Навроцки, Зеленски гледа исклучително изборна позадина. Догодина во Полска ќе треба да има парламентарни избори. „Претседателот Навроцки ќе се бори за премиерско место со неговата партија на местото од Туск. Ние немаме ништо со тоа, Тоа е нивно внатрешно прашање“ рече вчера Зеленски
Дека во Полска се менува односот кон Украина потврдуваат и анкети. Wirtualna Polska го објави истражувањето, според кое, 58 проценти од испитаниците сметаат дека украинскиот претседател негaтивно се однесува кон Полска и кон Полјаците. Спротивно мислење имаат 30 проценти од испитаниците. Според некои експерти, кавгата со Варшава може да доведе до прекинување на воената помош од Полска за Украина, прекин на логистиката со оружје, но најлошо, да стане пречка за Украина на патот кон ЕУ и НАТО. Претседателот Навроцки уште лани во предизборната кампања даваше такви изјави, со нагласка дека неговиот однос ќе биде таков се додека „не бидат решени многу важните цивилизациски прашања за Полјаците“, нагласувајќи го „Волинскиот колеж“ и ексхумацијата на неговите жртви во Украина. За него тогашните настани се „национална траума“, која не била разбрана од украинскиот народ , ниту од Зеленски. Одговорот на Зеленски на ваквите зборови, тогаш беше:„ Кој е овој господин?“ Тој господин стана претседател на Полска.
ОБНОВА
Има интересни гледања на реалните причини за сегашните разногласија меѓу Киев и Варшава. И тие немаат многу врска со историјата. Многу поважна е иднината, отколку минатото. Особено сега кога Украина почнува да преговара со ЕУ. И таа утре може да стане главен соперник на Полска и конкурент во ЕУ. За тоа ќе бидат потребни неколку години. Можеби пет до десет. Но Полска во изминатите повеќе од дваесет години стана сила која сака да биде главна во „источниот блок“ на ЕУ. Па и да соперничи со Германија. За Полска ,Украина беше извор на работна сила и пазар од триесетина милиони население. Секако и „помал брат“. Еве и сега, кога ќе се зборува за обновата на Украина, Полска се надева дека ќе заработи пари на таа обнова. Како што се надеваат и други земји. Зашто парите ќе доаѓаат најмногу од ЕУ и некој ќе треба да си ја наплати својата работа и да добие пари за неа. Сигурно ќе се очекува голема битка за учество во обновата на Украина.
Полска не е задоволна и со нејзиниот третман од страна на „стара Европа“. Украина контактира со Париз, Берлин и Лондон. Варшава е на спореден колосек или на колосек за маневрирање. Зеленски е добредојден кај „европската тројка“, а Полска се чувствува отфрлена. Тоа може да значи дека Украина е позначајна за Европа од Полска. А тоа, пак, раѓа големи амбиции кај Зеленски да стане лидер на „источниот блок“ од ЕУ. Впрочем тој не само што е арогантен кон полските политичари, во случајов Туск, туку деновиве и упати ултиматум до Белорусија, претседателот Александар Лукашенко, да прекине некои односи со Русија? Амбициите понекогаш се враќаат како бумеранг. Премиерот на Полска Туска се налути дека не беше поканет на на средбата со Украина во Лондон за подготовка на стратегијата за крај на војната и преговорите со Русија. „Полска нема да прифати никакви договори, кои се разработуваат без нејзино учество“, изјави Туск. Тој бара Варшава директно да учествува во какви било преговори за идниот мир меѓу Киоев и Москва. Притоа форматот Е3 или Е5 на земјите од ЕУ, не дава право да се зборува од името на цела ЕУ. Туск нагласува дека кои било решенија за Украина неизбежно ќе се однесуваат и на Полска, па затоа или преговори низ механизмите на ЕУ или Варшава ќе учествува директно во нив. Инаку Полска „нема да ги почитува“ таквите договори.
Друго, не историско, прашање е и аграрот. Проблемите меѓу Полска и Украина почнаа во 2023 година, кога полските земјоделци ги блокираа границите за украински земјоделски производи. Ова покажува дека во случај на ставање крај на војната и влез на Украина во ЕУ, таа може да стане главен конкурент на Полска во многу области. И во аграрот и во инвестициите и во субвенциите од европскиот буџет, кои ќе се намалат, бидејќи голем дел ќе одат во Украина...
Варшава, ако сака, може да го кочи членството на Украина во ЕУ. Можеби ќе се покрене и прашањето за ОУН-УВА. Навроцки вели: „Со Бандера и УВА Украина нема да влезе во ЕУ“. Како што неодамна при отворањето на првиот кластер Унгарија во условите го вгради и унгарското малцинство во Украина и неговите права. Можеби додека трае војната во Украина, работите со Полска да не се распалат многу. Но, кога таа ќе престане, може да станат и главно прашање во ЕУ.
Ова што сега се случува со Украина покажува дека сојузниците се важни, но и дека и тие можат да те предадат. Еве еден цитат од коментар напишан по повод она што сега се случува меѓу Киев и Варшава. „Додека Украина води војна за сопственото постоење, некои од нејзините сојузници сè почесто почнуваат да ги диктираат не само условите за нејзината помош, туку и содржината на нејзиното историско сеќавање. Вчера, Украина ја советуваа како да преговара. Денес, ѝ објаснуваат кого да смета за херои. Утре, можеби ќе почне да ѝ се кажува каква историја да им предава на своите деца. Тука се поставува главното прашање: ако државата нема право самостојно да го одредува сопственото историско сеќавање, тогаш колку е воопшто суверена? Поединечните поглавја од украинската историја можат да се гледаат различно. Интерпретациите на историските настани и личности може да се дебатираат. Но, конечниот избор е исклучиво на украинското општество“.
Многу интересно е, ако наместо Украина во последниов цитат ставите Македонија. Затоа ќе биде поучна разврската на полско-украинската кавга. Останува нејасно дали Киев и Варшава имаат намера да се ограничат на главно симболични одговори на инцидентот или дали ќе ја ескалираат ситуацијата дополнително - и, ако е така, до кој степен. Ќе биде интересен и односот на ЕУ кон целата ситуација.
Мирче Адамчевски
