Белград добил ветување од Јункер за преговори „што е можно поскоро“
Српскиот премиер Александар Вучиќ добил ветување од претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, дека е „прашање на време“ кога ќе бидат отворени првите поглавја од преговорите за членство на Србија во ЕУ, пренесоа агенциите.
На состанокот меѓу Јункер и Вучиќ во Брисел во четвртокот според српскиот премиер ЕК ги поддржала реформите во Србија и отпочнувањето на преговорите „што е можно порано“, пишува српскиот весник „Вечерње новости“.
Вучиќ соопштил уште дека Јункер ќе ја посети Србија во октомври, што може да биде добар сигнал за преговорите. По добрите вести од Брисел шефот на српскиот тим за преговори со ЕУ, Тања Мишчевиќ оцени дека е можно Главата 35 за односите со Косово да биде отворена пред декември оваа година.
Претходно оваа недела беше јасно дека премиерот Александар Вучиќ има намера да присуствува на церемонијата за геноцидот во Сребреница на 11 јули.
Во исто време канцеларката на Германија Ангела Меркел оваа недела го посети Белград. Темите на средбата биле владеењето на правото, реформите на српските институции, дијалогот со Приштина, преговорите со ЕУ и присуството на премиерот во Сребреница.

