Белели на средба со албанските лидери – преговорите во фокусот
Италијанскиот амбасадор денеска се сретна со двајцата политички лидери од албанскиот блок во врска со преговорите во Пржино.
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска во седиштето на партијата во Тетово се сретна со италијанскиот амбасадор во Македонија, Ернесто Масимо Белели.
Тие разговарале за преговорите за решавање на политичката криза во земјата и отворање на патот за одржување на слободни избори.
Ахмети го повторил ставот дека датумот за изборите треба да се прецизира кога политичките партии ќе проценат дека се исполнети условите за фер избори.
„Во врска со последните случувања, Ахмети истакна дека македонските политички партии треба да го надминат единственото отворено прашање меѓу нив со цел да се олесни постигнувањето на договорот што е можно поскоро, кој потоа ќе овозможи дополнување на условите со тоа и одредување на датумот на изборите“- соопштуваат од ДУИ.
Белели високо ја оценил улогата на ДУИ во преговарачкиот процес и изразил уверување дека овој придонес ќе продолжи и во надминувањето на последното отворено прашање, информираат од партијата.
Амбасадорот се сретна и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Тие размениле мислења за актуелната политичка состојба, меѓуетничките односи и за евроатланските интеграции на земјата.
„Претседателот Тачи оцени дека одговорноста за ситуација во земјата и за застојот на интеграциските процеси е во Владата на Република Македонија, нагласувајќи дека Албанците во Македонија не се откажуваат од патот кон интеграција во Европската Унија и во НАТО и дека во овој поглед Демократската партија на Албанците ќе продолжи да комуницира со сите релевантни чинители во земјата и во странство“ - соопштуваат од ДПА.
Тачи го информирал Белели за општата состојба во земјата, но и за можностите за излез од кризата.

