„Бела книга“ – Основа за конструктивен дијалог меѓу приватниот сектор и владата
Странските инвеститори ја пофалија владата за реализацијата на крупните инфраструктурни проекти, реформите во даночната сфера, но излегоа и со конкретни предлози, побараа олеснување на постапката за издавање работни дозволи за странци како и пофлексибилно трудово право.
Ова беше истакнато на денешната промоција на првото печатено издание на „Белата книга“ на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.
„Белата книга“ е добра можност да се види како компаниите со странски капитал во земјава ја перцепираат бизнис климата во државата, со какви предизвици се соочуваат при водење бизнис и следствено на тоа кои се нивните препораки и насоки на делување со цел доближување до најдобрите светски практики и принципи на работење во земјите од каде што и самите доаѓаат“, соопштува Советот на странски инвеститори.
Според странските инвеститори „Белата книга“ е основа за конструктивен дијалог помеѓу приватниот стектор и владата чија цел како што истакнаа е подобрување на деловната клима во земјата.
„Може да се каже дека честите промени на законите се една од основните определби. Ние разбираме дека треба да се постигне хармонизација со законодавството на ЕУ, но сепак тој процес треба да биде попредвидлив и пред да се донесат тие закони треба да се дискутираат со деловната заедница“, изајви Хуан Педро Хименез Наваро, претседател на Советот на странски инвеститори.
Странските инвеститори побараа прецизирање кои услуги се сметаат за консалтинг, управување, истражување и развој.
Според Владата дел од барањата на бизнисмените веќе се вметнати во „Белата книга“, а според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски тоа само укажува на брзината со која се работи врз подобрување на бизнис климата во земјава.
Инвеститорите ја поддржуваат изградбата на патните коридори, но препорачуваат и модернизација на автопатите кон пристаништата Драч и Бар кои би биле одлична алтернатива на Солун, како и правецот кон Приштина.
Слично
