Бектеши тврди дека нема рестрикции! Знае ли колку јаглен има во РЕК Битола и колку мазут му треба на ТЕЦ Неготино?
Крешник Бектеши, министерот за економија, го превзеде жешкиот костен на електроенергетската криза во свои раце. Настојчив и убедителен е дека рестрикции во снабдувањето со електрична енергија ќе нема. Иако пред два дена од ресорот што го води беше изготвена, па усвоена од Влада, е Уредба со која се исцртвуваат контури на електроенергетска кризна состојба. Па неговата ПР служба објасни дека тоа е усогласување на подзаконскиот акт со актуелниот закон за енергетика. За само по неколку часа истиот ден истиот министер да каже дека ќе прогласат кризна состојба.
Бектеши е уверлив и ние сакаме да му веруваме. На синоќешната емисија „Економски магазин“ на ТВ Алсат не изнесе ниту еден параметар да ги потврди тврдењата. Но за да му веруваме треба повеќе од желба, па затоа јавно ќе му ги поставиме следниве прашања за дел од кои одговори од ЕСМ не добивме.
-Дали знаете колку тони јаглен има на депонијата во РЕК Битола и за колку дена производство на струја од двата блока тој јаглен е доволен? Особено сега на праг на висока (зимска) сезона.
-Колку јаглен може да се извади дневно од рудниците Суводол и Брод-Гнеотино за потребите на двата блока во РЕК Битола?
-Колку тони јаглен се потребни за двата блока на РЕК Битола да можат да произведуваат во претстојната зимска сезона?
-Кој е технички минимум за производство на блоковите во РЕК и дали е точно дека „возат“ близу технички минимум?
-Дали знаете каква е хидролошката состојба во хидроцентралите на ЕСМ и колку струја може да се произведе од таа вода?
-Дали знаете колку струја испорачува РЕК Битола во последниве 20 дена и дали е тоа помало количество од она што треба да го предаде на мрежа согласно плановите?
-Ако е така кој ја покрива разликата и по која цена?
-Дали ЕСМ е ликвиден и солвентен во последните три месеци?
-Дали има доволно вода во хидросистемот „Стрежево“ за стартување на третиот блок во РЕК Битола? Затоа што освен јаглен треба да има и вода за производство на струја во битолската термоцентрала.
-Дали знаете колку мазут има на располагање ТЕЦ Неготино во моментот и за колку дневно призводство со полна снага (т.е. двата котли) е тоа доволно?
-За колку дена ќе стигне новиот мазут во резервоарите на ТЕЦ Неготино? Колкаво количество мазут ќе набавите и за колку денови производство е тоа доволно?
-Кога е правен последниот тест за производство (вклучување на мрежа) во ТЕЦ Неготино и каков е исходот?
Доколку добиеме конкретни одговори ќе ги обајвиме во целост.
A.T.