БЕКТЕШИ: СО ПРОИЗВОДИТЕЛ ПОТРОШУВАЧ ДО ПОГОЛЕМО ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО НА ЕНЕРГИЈА
Измените на правилникот за обновливи извори на енергија, со кој се овозможува олеснување на процедурата за поставување панели на покривите на домаќинствата и на компаниите се направени, со што според Министерот за економија, Крешник Бектеши, граѓаните и компаниите ќе може да произведуваат електрична енергија и да ја предаваат во мрежата.
- Со овој правилник, со измените кои ги направивме и кои утре ќе бидат објавени во Службен весник, се воведуваат производители потрошувачи како нови учесници на пазарот со електрична енргија. Согласно правилникот, потрошувач производител е домаќинство, мал потрошувач, буџетски корисник, кој може да изгради сопствена постојка за производство на енергија од обновливи извори, при што произведената енергија ја користи за свои потреби, а вишокот го предава во електродистрибутивната мрежа. Досега во мрежата можеше да предаваат само производители кои не се снабдуваа со електрична енергија од универзалниот снабдувач. Сега универзалниот снабдувач ќе има обврска да ја преземе вишокот енергија од ваквите снабдувачи, со што на секој шест месеци ќе им се овозможи на домаќинствата или компаниите кои ќе произведуваат енергија да ги порамнат сметките или да им се плати за вишокот енергија. До овој момент инсталираната снага била 4 киловати за домаќинства, ја зголемуваме на 6 киловати, додека пак за компаниите досега инсталираната снага на постојките била 20 киловати, а ќе се зголеми на 40 киловати - појасни Бектеши.
Дополнително, министерот најави дека Министерството за економија ќе покрива трошоци за инвестиции во постојки за искористување обновливи извори енергија, во висина од илјада евра, а целата на измените на правилникот и на субвенциите е да се зголеми производството на електрична енергија во земајва.
- Секое домаќинство од први јули ќе може да започне со вакви инвестиции, и се надеваме дека овие инветиции ќе станат поатрактивни - дополни Бектеши.
П.О.
