Беким Сали, Бујар Османи и Славјанка Петровска не заштедиле доволно електрична енергија
Зградата на Министерството за здравство предводено од министерот Беким Сали за месец септември во однос на истиот месец лани направило само 2 отсто заштеда во потрошувачката на електрична енергија, што не е ни одблиску доволно на бараните минимум 15 отсто заштеда што ги наложи Владата.
Критериумот не го исполнил ниту министерот Бујар Османи со Министерството за надворешни работи и министерката Славјанка Петровска со Министерството за одбрана. Тие заштедиле само 8 отсто. Министерството за локална самоуправа под министерот во оставка Горан Милевски, не само што не заштедило, туку потрошило повеќе струја во однос на ланскиот септември.
- Само на административните згради на министерствата, собрание, на претседателот, Владата, ЕСМ, МЕПСО, вкупната заштеда изнесува 25 отсто, рече министерот за економија Крешник Бектеши презентирајќи ја споредбената анализа.
Собранието заштедило на сметката за струја средства од 29 отсто, претседателот Стево Пендаровски има намалување за 17 отсто, Владата има 26 проценти, МВР 21 отсто, додека најдобри бројки имаат Министерството за култура (40), Министерството за труд и социјална политика (36), Министерството за образование (35) и Министерството за финансии (32).
Јавните претпријатија заштедиле на сметките вкупно 18 8 отсто, а не штедиело само АД Водостопанство.
Кај општините има заштеди од 29 отсто, но има и такви со отстапувања, кои се најголеми кај Арачиново, Гостивар и Свети Николе.
Министерот Бектеши од анализата открил дека дури 111 институции како училишта и здравствени објекти немале договори со трговци за струја и плаќале многу поскапо кај ЕВН како краен снабдувач.
