Бејли: Не сакаме да го спречиме купувањето, но Македонија е многу зависна од рускиот гас
Џес Бејли, амбасадорот на САД во Македонија, порача дека САД се посветени на намалување на ризиците од користењето на рускиот гас.
„Се` уште има 11 земји кои се повеќе од 75 проценти зависни од рускиот гас, додека други се само половина. Македонија е една од петте најранливи, односно најчуствителни земји од евентуално затворање на дотокот на руски гас. Но, да бидам јасен, САД немаат цел да го попречат снабдувањето со руски гас, а ние сме 100 проценти посветени на намалување или елеминирање на ризиците. Сме виделе примери каде таква зависност од рускиот гас била злоупотребена“, рече Бејли.
„САД веќе долго време застапуваат проекти како што е јужниот коридор за гас кој ќе и` овозможи на централна и јужна Европа да добие пристап до гас од Азербејџан. Исто така извозот на течен природен гас од САД почнува да се извезува кон северните терминали и Грција“, додаде американскиот амбасадор.
На конференцијата „Македонски енергетски форум 2018“ во Струга имаше учесници од повеќе земји од Европа и САД.
