Бејли е оптимист иако и денеска нема договор меѓу партиите
По завршувањето на преговорите помеѓу партиите, американскиот амбасадор, Џес Бејли изјави дека денеска имало извесен напредок.
Сепак, конечен договор засега нема.
Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав велат дека оставаат простор партиите за време на викендот да размислат за опциите на маса и следната недела преговорите да продолжат.
Бејли во име на САД и ЕУ рече дека е оптимист дека кај партиите има политичка волја за решавање на отворените прашања, се со цел државата да продолжи напред.
Нема информација кое е спорното прашање кое ги „кочи“ преговорите.
Партиските претставници не дадоа изјава за медиумите. Викендот ќе го искористат за консултации, а од понеделник повторно ќе преговараат.
Се преговараше и деновиве со часови, а Брисел вчера апелираше што поскоро да се најде решение и за последното прашање кое не е договорено меѓу партиите. Се споменуваше дека копја се кршат околу ингеренциите на министерот за внатрешни работи.
