„Бехтeл Енкa“ без тендер ќе ги поврзува Ќафасан со Блаце и Битола со Прилеп заради побрза изградба на автопатите
Американскиот контрактор „Бехтел Енка“ ќе го гради Коридорот 8, односно автопатите Тетово - Гостивар, Гостивар - Кичево и Требениште-Струга-Ќафасан, како и автопатот Прилеп - Битола без распишување на тендер, туку преку модел кој ќе треба да биде одобрен од пратениците во Собранието.
Ова денеска го потврдија министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и првиот вицепремиер Артан Груби по потпишувањето на меморандумот за разбирање со веќе избраниот оператор од САД.
Вицепремиерот Бочварски вели дека по овој модел, американскиот изведувач сам ќе ги изгради овие важни проекти по најкусо можно време, наместо да има застој со години како што е примерот со автопатот Кичево- Охрид и пругата кон Бугарија.
- Ова е модел без тендер, со пристап кон нова постапка. Од утре ќе се креира процес во кој биде вклучена стручната фела, но договорот треба да биде изгласан во Собранието. Нема да се оди со постапки за проектирања, ревизии, и други постапки за градба. Тоа го води самиот изведувач. Така ќе се избегнуваат судските постапки, а од друга страна имаме силен изведувач. На автопатот Кичево - Огрид и пругата кон Бугарија имаме големи проблеми со реализацијата. Овие примери се доказ дека треба да се обидеме со овој модел кој дава брзи и ефикасни резултати., рече Бочварски.
Според министерот, ова е модел кој ги дава најбрзите и најоптимални резултати, бидејќи досегашното искуство покажало дека со години проекти се одолговлекуваат поради проектирање и проблемите кои настануваат поради неусогласеност на изведувачите, проектантите и надзорот. Бочварски вели дека со новиот проект нема да има повеќе калкулантски игри. Цената што ќе биде понудена се уште не се знае.
- Колку би чинело не се знае, експертите треба тоа да го проценат како пакет кој ќе биде презентиран пред пратениците во Собранието. Тоа ќе го покаже техничката документацијата и анализите. Треба да се знае дека ќе има изградба на мостови, тунели, вијадукти, натпатници, тврди Бочварски.
За видепремиерот Груби ова е проект кој ќе биде брз и ефикасен бидејќи е под покровителство на САД, а компанијата веќе се докажала во Косово, Албанија и Србија.
- И од политички аспект станува збор за добра можност, тој добива нова геополитичка тежина. Со овој меморандум ќе овозможиме преструктуириање на постоечката инфраструктура и нови градби. Исто така, важен е од енергетски аспект за економијата., кој лесно ќе ги поврзе Ќафасан и Блаце, изјави Груби.
