Економија, финансии, бизнис

Контакт

БЕГ цела година под привремена управа, од денеска анализа колку ќе треба да издвои државата за февруари

БЕГ цела година под привремена управа, од денеска анализа колку ќе треба да издвои државата за февруари

Од денеска во БЕГ започнуваат преговорите со Владата, застапувана од АД ЕСМ, за нов анекс на договорот за привремена управа на компанијата која стопанисува со топловодната мрежа на главниот град. Ќе се прогнозира уште колку пари ќе бидат потребни од буџетот за грејната сезона во текот на февруари.

Основниот договор од десет работни дена, за кои Владата преку ЕСМ обезбеди 6 милиони евра додека трае енергетската кризна состојба во јануари, сега завршува и понатаму треба да се склучуваат анекси на основа на анализи уште колку средства ќе бидат потребни за природен гас и топлинска енергија.

Она што „Фактор“ го дознава е дека БЕГ ќе биде под „принудна управа“ до февруари 2023, односно додека не се поднесе завршната сметка на претпријатието за 2022. Парите кои БЕГ ќе ги добие од буџетот преку државните електрани, ќе ги враќа од 2023 кога се очекува веќе да биде завршена енергетската криза и тоа ќе се прави со одредена динамика која ќе биде дополнително определена.

Од ЕСМ-Енергетика како прокуристи кои ќе го контролираат работењето на БЕГ со врзани потписи се одредени Александра Маројевиќ за Производство, Гоце Стевковски за Дистрибуција и Билјана Петрова за Снабдување. Тие ќе имаат увид на трансакциските сметки, како и на наменската, и со врзан потпис ќе ги одобруваат банкарските налози.

Покрај тоа, на нив ќе им помагаат и други одредени стручни лица како ревизор, машински инженер и финансиски аналитичари. 

Договорот помеѓу „Електрани“ и БЕГ не беше јавно објавен. Она што беше соопштено беше дека средствата кои ЕСМ ќе ги добие од Владата ќе ги уплатува повремено во потребни износи на наменска сметка. БЕГ на истата сметка ќе ги уплатува своите приливи. Исплатите кон трети лица, исто така, ќе се вршат преку оваа сметка со врзан потпис. Наведено беше дека основачот на БЕГ гарантира за вложените средства од државата со потпишана меница.

А.К.


Слично

Поврзани вести