Беџет Пацоли – најбогат политичар на Косово
Најбогатиот политичар во Косово е претседателот на Алијансата за ново Косово и поранешен вицепремиер Беџет Пацоли, чие богатство се проценува на 340 милиони евра, објави Косовската агенција за борба против корупцијата.
Пацоли, кој се смета за еден од најбогатите Албанци во светот, дури го зголемил имотот со 35 милиони евра во споредба со минатата година.
Според пријавата за имотната состојба, тој поседува акции надвор од Косово во износ од 140 милиони евра, акции за 80 милиони евра во компанијата „Мабетекс холдинг”, акции за 20 милиони евра во осигурителната компанија „Сигуриа” и 42 милиони евра од хотелот „Свис Дајмонт” во Приштина. Пацоли поседува куќа надвор од Косово во вредност од 17,7 милиони евра и недвижности во странство од 7,3 милиони евра, приватен авион за 18 милиони евра и 7,5 милиони евра на банкарска сметка.
На второ место по богатство е сопственикот на хипермаркетите „СТЦ” Рамиз Келменди, кој пријавил дека поседува 45,5 милиони евра, но за разлика од Пацоли, Келменди во споредба со минатата година осиромашил за 15 милиони евра.
Најсиромашен е Албин Курти, лидер на движењето „Самоопределување”, кој откако го продал станот наследен од родителите, за време на предизборната кампања за парламентарните избори, сега живее во дом кој го изнајмува. Тој посочил годишни приходи од само 19 000 евра, исти како минатата година.
Косовскиот премиер и лидер на Демократската партија на Косово Хашим Тачи пријавил вкупно богатство од 650 000 евра.
Слично
