Беџети: Не може да се очекува понизок економски раст, а повисок буџет
За академикот Абдулменаф Беџетим, ребалансот на буџетот на Македонија е нелогичен и вели дека тој е така поставен за предизборни цели. За него ова сепак не е неочекувано, бидејќи како што вели ова е познато однесување на македонската влада, вели академикот Беџети во интервјуто за Радио Слободна Европа.
,,Во услови на опаѓачка тенденција на економијата да предвидувате растечки приходи во фискалниот буџет е малку нетипично, но и нелогични, меѓутоа и образложенијата беа насочени во тој правец дека се покачени реализациите на приходите од директните даноци, т.е. персоналниот и данокот на добивка, а наспроти тоа е значително изразито опаѓање на ДДВ-то, кое беше некаде минус шест отсто реализирано од проекцијата, така што ова уште повеќе ја зголемува дилемата во однос на реалните проекции кои се направени, но во секој случај имајќи го предвид политичкиот циклус и претстојните политички активности со политичката криза, тоа е сосема нормално очекувано бидејќи досега беше слично однесувањето на македонската влада.”- вели Беџети.
За него проектот ,,Скопје 2014” е преголем луксуз и времето во кое се прави е апсолутно несоодветно.
,,Мислам дека тоа наликува подобро во метафората којашто самиот министер за финансии ја изрекол во една прилика кога кажал „дека ние немаме леб да јадеме, а бараме чоколадо“. Што би коментирал друго? Ако ова продолжи понатаму, таа авантура одамна требало да биде прекината.” – вели Беџети во интервјуто.
И на крајот, на прашањето дали е можно грчко сценаријо да ѝ се случи на Македонија, Беџети рече : Неколку пати се изјаснуваме за ова предвидување дали е можно грчко сценарио. Секако дека на краток рок и среден рок не може да се очекува такво нешто, но дека се движиме во тој правец апсолутно така е, бидејќи ние во последните 3-4 години имаме тенденција, интензитетот на растот е многу изразен, особено сега се очекува во овој последен политички момент и веројатно тука ќе се прават напори од многу аспекти и политички мотивирани за да се напумпа тој долг за евентуално при промена на власта идната влада да се блокира.
