БЕЧЕВ ЗА КАНДИДАТИТЕ НА ТРИФОНОВ: Ако овие луѓе ја преземат власта, ќе мора да се занимаваат и со надворешна политика, а не разбираат
„Бугарија во моментов има доволно свои проблеми и треба да формира влада, па можеби затоа предложениот состав надворешната политика ја става во заден план“, вели Димитар Бечев, виш соработник на Атлантскиот совет во Вашингтон и предавач на Оксфорд.
Како што пренесе БГНЕС, тој потенцира дека партијата на Слави Трифонов, кој го доби мандатот за формирање влада, во својата програма надворешната политика ја потиснува на маргините така што нема теми поврзани со Европската унија ниту за бугарските односи со Северна Македонија и Балканот воопшто.
„Ова не ме чуди, но ако овие луѓе ја преземат власта, ќе мора да се занимаваат со надворешна политика. И важен дел од оваа политика е како ќе се развиваат нашите односи со Македонија, нашиот национален интерес мора јасно да се каже “, додаде Бечев.
Според Бечев, дури и ако Бугарија не пронајде заеднички јазик со Македонија за минатото, би требало да отвори дијалог за теми од сегашноста и иднината, како што се инфраструктурната поврзаност, која е практична, а не контроверзна.
