„Бе-Ем-Ве“ инвестира 1,4 милијарди долари во производство на батерии во Кина
BMW Brilliance Automotive (BBA) ќе го прошири капацитетот за производство на батерии во својата производствена база во Шенјанг во североисточна Кина.
Во ова заедничкото вложување на BMW Group во Кина, BMW Brilliance Automotive Ltd. (BBA), ќе инвестира 10 милијарди јуани (близу 1,4 милијарди американски долари) во нов проект за производство на батерии во североисточната кинеска провинција Лиаонинг.
Церемонијата по повод потпишувањето на проектот се одржа во Шенјанг, главниот град на Лиаонинг, пренесува агенцијата Ксинхуа Бета.
Со потпишаниот договор, BBA ќе го прошири капацитетот за производство на батерии во својата производствена база во Шенјанг.
- Потпишувањето на инвестицискиот договор не само што ја покажува нашата доверба во долгорочните перспективи на кинескиот пазар, туку и ја нагласува нашата цврста верба дека деловните врски ќе продолжат да градат мостови меѓу Кина и Германија - рече Јохен Голер, шеф на BMW во Кина.
Франц Декер, шеф на BBA, исто така, истакна дека инвестицијата е „клучен следен чекор“ во стратегијата за е-мобилност на BMW во Кина.
Новата инвестиција следи по фазата на обемни надградби во производствената база на БМВ во Шенјанг, вклучувајќи го и отворањето на фабрика од 15 милијарди јуани (2,2 милијарди долари) во јуни.
Шенјанг е најголемата производствена база на BMW Group во светот. Вкупниот број на вработени во BMW Group во Кина надмина 28.000.
Фото: EPA/ NARONG SANGNAK