Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бавна реакција и непланирани средства во буџетот за болеста „Јазлеста кожа“ на АХВ?

Бавна реакција и непланирани средства во буџетот за болеста „Јазлеста кожа“ на АХВ?

Бавна реакција и доцнење во преземањето на мерки за појавената болест на Агенцијата за храна и ветеринарство и одговорните институции.

АХВ  не предвидела средства во буџетот за вакцини и справување со болеста „Јазлеста кожа“ која се шири во земјава со силно темпо и предизвикува сериозни штети за сточарите, обвинува дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Тој вели дека Агенцијата за храна и ветеринарство дури пред велигденските празници побарала од владата да се обезбедат финансиски средства за набавка на вакцини и справување со болеста и го негира фактот дека АХВ и МЗШВ навремено обезбедиле вакцини, бидејќи како што вели вакцини сеуште нема.

Николовски бара одговорност од надлежните и бара Владата да донесе одлука за обештетување на сточарите за непредаденото млеко на млекарниците како последица на погрешно пропишаната забрана за откуп на млеко од погодените подрачја наместо само од фармите кај кој е потврдена болеста.

Исто така бара точно да им се каже на сточарите во рок од колку дена откога ќе им биде убиен добитокот ќе бидат обештетени.

Вакцини кон крајот на мај

Од Агенцијата за храна и ветеринарство пак посочија дека 250 илајди вакцини се очекува да пристигнат кон крајот на месецот. Во однос на проблемот со откупот на млеко во штипскиот регион, директорот на АХВ Зоран Поповски изјави млекото и месото од здравите животни, кои се од регионите со жаришта, смеат да се предаваат само во преработувачки капацитети кои се наоѓаат во регионите каде што ја има заразата.

“Од превентивни причини од регионите со жаришта не смее да се носи во регионите каде што ја нема болеста. Вакцините беа нарачани веднаш откако добивме информација дека „јазлеста кожа“ има во соседните држави, Грција и Турција. Успеавме да ја добиеме целата доза потребна за покривање на сиот фонд крупен добиток за разлика од другите држави. Тоа потврдува дека сме реагирале навреме. Вакцинирањето, пак, не смее да се спроведува пред утврдување на болеста во одреден број жаришта”, изјави Поповски.

Болеста „јазлеста кожа“ кај говедата забрзано се шири, млекарниците се претпазливи во откупот на млеко, а сточарите бараат итна вакцинација на здравите говеда. Досега се регистрирани 34 жаришта во 14 општини,а најголем дел од нив во источниот регион. Потенцијално заразени се над 520 говеда. Поточно болеста е потврдена во Делчево, Виница, Пехчево, Берово, Штип, Василево, Босилово, Ново Село, Валандово, Демир Капија, Дојран. Во сите овие региони направени се заштитни зони во радиус од три, 10 и од 50 километри.

Сточарите од штипскиот регион велат дека и оние кои имаат здрави говеда трпат штети поради сточарите чии говеда се заразени од болеста. Млекарниците од овој регион се претпазливи при откупот, а дел од нив и во текот на вчерашниот ден не сакале да го откупат млекото од сточарите што немаат болни крави. Сточарите велат дека штетите се големи и бараат што поскоро да почне вакцинацијата.

„Мене ми го откупија млекото, но на сточарите од селата Селце и Драгоево повторно не им го откупувале млекото иако немаат заболени крави. Што да прават тие сточари да го фрлаат ли млекото, и они велат дека ќе го истураат во реката. Ние знаеме како да ги заштитиме кравите, хигиената ја одржуваме на високо ниво, прскаме против комарци и мушички во шталите, значи се што е до нас превземаме. Ние не сакаме да ни се заразат животните, од тоа живееме. Но не е се до нас, и општината треба да превземе мерки, да се прска авионски против комарци, не можеме ние покрај реката и мочуриштето да прскаме. И треба што поскоро да се почне со вакцинацијата“, вели Бранко Ристев,сточар од штипскиот регион.

Млекарниците будно ја следат состојбата

Дел од поголемите млекарниците за Фактор изјавија дека ја следат состојбата на терен а откупот го вршат во согласност со препораките од АХВ. Од млекарницата „Здравје Радово“ изјавија дека нема зошто да не се откупува млекото од оние крави што не се заразени. Од битолската млекарница изјавија дека тие воопшто и не откупуваат млеко во источниот регион, но ја следат состојбата.

Слично

Поврзани вести