Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

По две и пол години изградба, со нови анекси во вредност од 700.000 евра поскапе реконструкцијата на Палата АСНОМ (поранешната зграда на Комерцијална банка која свевремено беше купена од Владата) зад Археолошки музеј. Ова потсетува на времето од пред десетина години кога „Бауер БГ“ добиваше огромни тендери со најповолна понуда, а потоа растеше цената на проектите со нови трошоци.

Со 19 нови анекси (засега) изменет е договорот од април 2023 поради „непредвидени работи“ и сега наместо 405.684.000, вкупно ќе чини 458.835.833 денари. Измените на договорот на оваа градежна компанија се направени со Службата за општи и заеднички работи на барање на проектантот. Анексите се нижат од 5 декември и излегуваа нови до вчера доцна попладне, што значи дека може да има уште нови договори во наредните денови и сумата да се зголемува се повеќе и повеќе.

Оваа зграда е во сопственост на Владата, а пред пет години таму изби пожар поради што Секретаријатот за европски прашања, Инспекторатот за животна средина и МИА требаше да се отселат во други простории.  „Бауер БГ“ треба да заврши со реконструкцијата за три години. Од Владата тогаш рекоа дека не е одлучено кои институции во иднина ќе работат таму.

Иако овој договор на „Бауер БГ“ му беше доделен од претходната власт, делувањето на компанијата најмногу се поврзува со времето на владеење на поранешниот премиер Никола Груевски. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во февруари поднесе обвинение против поранешниот прв човек на Службата за општи и заеднички работи на владата, Васе Доневски, и за Благој Димитров управител на градежната фирма „Бауер БГ” за малверзации со проектот за фасадата и осветлувањето на зградата на Владата. Претходно,  во април 2022 година на управителот на фирмата Димитров му беше изречена мерка притвор од 30 дена

Оваа градежна компанија стана позната за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот градоначалник Коце Трајановски, кога во 2015 година беше најголем добитник на тендери од Град Скопје.  Притоа, карактеристично беше тоа што компанијата склучуваше многу вредни договори откако на тендерот испаѓаше најповолен понудувач со најниска цена, но често конечната цена на крајот растеше, како резултат на дополнителните анекс-договори. Како и да е, и по политичките промени компанијата продолжи да добива тендери и така е до ден денес.

За оваа компанија не е непознато градењето на јавни објекти со дополнителни анекс-договори. Изградбата на Кривичен суд, на пример, течеше со дополнително издвоени стотици илјади евра како непредвидени трошоци.

Александар Кузмановски 

Слично

Поврзани вести