Барокна инвазија во центарот на Скопје, уште 3 милиони евра за нови фасади
Нови објекти во центарот на Скопје ќе добијат барокно руво. Градот Скопје објави три повици за избор на идејно решение за реконструкција и доградба на фасадите на вкупно шест објекти.
Изведба на „стилизирана“ фасада од проектот „Скопје 2014“ го чека објектот на „Трготекстил“ кај трговскиот центар „Рамстор“, зградата на „Технометал“ и уште две други градби на плоштадот „ВМРО“, како и двата објекти лоцирани помеѓу „Сити галери“ и Градскиот трговски центар на плоштадот „Македонија“.
Вкупната сума за реконструкција на фасадите е околу 187 милиони денари или околу 3 милиони евра.
Претходно пак, Советот на град Скопје го утврди изгледот на фасадите на уште 15 други објекти во центарот на градот.
Тогаш, од СДСМ обвинија дека скопскиот градоначалник Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да донесат одлука за менување на фасадите на сите згради на улица Македонија, но и зградите во барокни на уште неколку улици во центарот во Скопје, што сметаат дека е„ огромно зголемување на опфатот”. Тие обвинија дека барокните фасади ги чинат граѓаните 50 милиони евра.
Во јавните повици на градска власт стои дека изгледот на новите фасади треба да биде одраз на урбаниот карактер на градот и на околината во која се наоѓаат објектите.
