Бараме продавачи, слаткари, пекари – се споделуваат огласи, а бегалците очајно бараат работа
Бегалците кои ја напуштија Украина, се растрчаа да си бараат работа во земјите каде заминаа.
Дека тоа е така, покажуваат и повеќе групи на социјалните мрежи каде едни објавуваат огласи и нудат работа, а други велат дека очајно им треба вработување. Меѓу оние кои бараат работа има и повозрасни луѓе кои го напуштиле Доњецк. Познавањето на англискиот јазик е голема предност за оние кои сакаат да се вработат. Во неколку романски градови им се нуди работа на бегалците доколку сакаат да работат со бели пецива, а ако имаат искуство, уште подобро. Родители бараат дадилки за чување на деца. Се бараат и чистачи. За работа прашуваат сметководители, луѓе кои работеле во туристички агенции, фотографи.
„Ресторан во Букурешт бара персонал: слаткари, работници за миење садови, пакување на производи, продавачи тн. Англискиот е добредојден“, се наведува во оглас.
Има и такви кои нудат изучување на јазик.
„Курсеви по романски јазик за бегалци од Украина. Одлична можност за учење на романскиот јазик, интегрирање во новата средина. Истражете нови можности за работа и сместување. Курсевите се достапни моментално само во Сучеава“, стои во друг оглас.
На социјалните мрежи Украинците комуницираат со своите сонародници кои веќе се во Европа, и бараат сместување.
„Да, има работа и може да се најде вработување по струка. Ќерките ми работат. Платите се достоинствени. Во Украина за некои струки заработуваме помалку. Кој сака да работи, бара работа, кој не сака да работи, седи, како и секаде. Можеме и треба да заработиме. Ако не работите со овие слики кои се шират на Интернет, може да полудите! Имаме роднини кои останаа дома! Се молиме! Чекаме победа, сакаме да си одиме дома!“, вели повозрасна бегалка која заминала во Европа.
Дел од бегалците излезот го бараат дури и во САД доколку таму имаат роднини. Се смета дека 8 милиони Украинци поради војната ќе бараат прибежиште во Европа. Украинците заминаа во Полска, Словачка, Германија, Италија, Шпанија и други земји. Франција започна национален план за подготовка на станови за најмалку 100.000 украински бегалци.
Сања Атанасовскаfoto EPA/DUMITRU DORU
