Економија, финансии, бизнис

Контакт

БАРААТ ЛУЃЕ ЗА КРОЕЊЕ НА ДРВЦА И ЛОЗЈА: Koлкава дневница можат да заработaт?

БАРААТ ЛУЃЕ ЗА КРОЕЊЕ НА ДРВЦА И ЛОЗЈА: Koлкава дневница можат да заработaт?

Во регионите каде има овоштарници и лозја, сопствениците на насадите бараат кројачи. Од оваа работа, како што велат кројачите, може да се заработи дневница од 50 па до 100 евра, зависно од тоа колку ќе сработат, колку се брзи и вешти. Станува збор за сезонска работа. Оние кои се занимаваат со кроење, процесот го научиле од домашните, самите поседувале или поседуваат овошни садници и слично.

„Зависи од големината на дрвцата, но најчесто кроењето по дрво чини од 400 до 500 денари. Максимум е 500 денари. Кроењето за малите дрвца чини 200 денари. Во однос на сортите нема разлика во цената, но кроењето е различно. Дневницата може да изнесува до стотина евра, зависи колку работа ќе се заврши тој ден. Тоа е сезонска работа, од февруари до почетокот или крајот на март, пред да почне вегетацијата. Најчесто луѓето бараат кроење на јаболка, круши, сливи, лозје. Јас работам во Скопје.  Порано со ова се занимаваа претежно постарите, но сега ретко има луѓе што се занимаваат со кроење на дрвца. Најбитно е да не се запостави кроењето затоа што следната година дрвцето излегува од контрола, нема да може да се крои како што требало и треба да се формира крошната навреме“, вели Трајче Трпчев, кој се занимава со кроење на дрвца.

Но, има и градови каде нема многу овоштарници и лозја и во тој случај кројачите бараат работа во соседните општини. Голем обем на работа има во Кавадарци, Неготино, Валандово, но и Ресен.

„За кроење се наплаќа од лоза, а дневницата се договара со газдите. Вранецот е најлесен за кроење, наплаќаме по 5 денари по лоза. Мерлот сортата е најскапа, за неа цената би била 8 или 9 денари. Тие цени сепак се минимални. Но, зависи и до местото, од Кавадарци до Валандово има разлика во цените, различно плаќаат, и местоположбата каде живеете е значајна. Има места каде едноставно нема што да кроиме. Ќе нема работа во иднина, така мислам, поради лошата состојба во земјоделството. Многу луѓе ќе се откажат, нема да работат. Може дневницата за кроење да изнесува и 3.000 денари, зборуваме за добар кројач. Јас се занимавам со земјоделство, тоа ме интересира, и со лозарството се занимавам. Некои ножици за кроење се скапи, чинат и по неколку илјади денари. Од кројач до кројач има разлика, некој денеска ќе сработи 200, некој 500 лози. Во Кавадарци има работа со кроење. Има луѓе кројачи што си прават екипа, си одат со возило во друга општина и си кројат. Има и такви што заминуваат да кројат лозја и во Италија. Тешко е да се крои лозје. Таму каде што се поголемите површини, почнуваат рано да кројат, за да можат да стасаат. Кој сака да работи, може да научи, но младите не сакаат со тоа да се занимаваат, сакаат брзи пари, одат на Запад. Тоа си зависи од повеќе фактори. Ние се бориме да добиеме повисока дневница, скапо е сѐ, храната, треба сметки да платиме. Ако денеска земеме 1.000 денари дневница, тоа е ништо“, објаснува велешанец.

Парите заработени од кроење се дополнителен приход за пензионери или за помлади луѓе кои се вработени.

„Повремено во Штип има работа. Татко ми го викаат во овоштарници, на викендици во селата близу Штип. Луѓето си имаат садници, ниви и знаат да го повикаат на кроење. Цената зависи од бројот на дрвцата, тоа е работа на договор. Ретко некој знае да се јави во градот, во двор ако треба да  му се крои дрвце или лозница. Татко ми е пензионер и тоа за него е дополителен приход“, додава штипјанец.

Агрономите велат дека кроењето на насадите е еден од најважните процеси кои треба да се направат, со цел да има добар род. Ако овоштарниците се запостават, потоа е тешко да се вратат во добра состојба.

„Апсолутно мора секоја година секоја овошка да се крои. Мора да се направи рамнотежа, што е потенцијал за родност, а што не. Сите стари гранки се отстрануваат. Ако се пропушти тој процес, многу тешко потоа садниците се враќаат во нормала“, рече Владимир Лабачевски, агроном од Ресен.

Според пишувањата на српските медиуми, во соседна Србија фалат кројачи, иако дневниците се движат од 60 до 80, па дури и до 100 евра. Некои експерти кај северниот сосед сметаат дека државата треба да организира курсеви за закројување на овошки. Додаваат дека работата не се учи брзо и физички може да биде напорна.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести