Економија, финансии, бизнис

Контакт

БАРААТ КАНДИДАТИ ДО 29 ИЛИ 35 ГОДИНИ: Дали во огласите за вработување има дискриминација?

БАРААТ КАНДИДАТИ ДО 29 ИЛИ 35 ГОДИНИ: Дали во огласите за вработување има дискриминација?

Многу често во огласите за вработување ќе сретнеме дека се бара кандидат за работа не постар од 29 или 35 години. Посебно доколку се работи за презентации, се бараат млади до 29 години. Оние кои се во потрага по работа, забележале дека се поставуваат и вакви критериуми и сметаат дека секој треба да има фер шанса за вработување. Дополнително, додаваат дека и луѓето со возраст над 35 години, можат да бидат продуктивни на своите работни места.

„Не е во ред, секој треба да работи и живее, и луѓето после 35 години не се стари за работа. Не верувам дека во странство има таков вид на дискриминација“, вели Билјанка Трајковска, граѓанка.

Граѓаните сметаат дека знаењето и искуството се најважни кога се бара работник.

„И по 35 години возраст луѓето мора некаде да се вработат и да работат. Нашите деца се во тие години, и ако има таков услов за вработување некаде, тоа ќе ги „кочи“  иако завршиле школо“, додава Мирјана Петрушевска, граѓанка.

Mилан Џинлев од агенцијата Приорити солуции за вработување, која посредува за вработување во странство, вели дека таму многу повеќе се обрнува внимание на детали во огласите и не смее да се дозволи да има пропусти и дискриминација.

„Работиме со странци, ни ги проверуваат материјалите, и не смее да има родова поделеност, да биде наведено дека се бараат само келнерки, или само хостеси, туку мора да стои келнери /келнерки, и хост/хостеса и треба да има баланс, да се вработуваат припадници и од двата пола“, рече Џинлев.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права потврдуваат дека луѓето се соочуваат со дискриминација при вработување. Податоците од истражување на Реактор направено во 2018 година говорат за тоа дека работниците најчесто се соочуваат со дискриминација при вработувањето (41 отсто од случаите), а како најчести дискриминаторски основи се посочени возраста, родот и политичката определба.

„Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, индиректна дискриминација постои кога преку навидум неутрални прописи, одредби, критериуми, програми или практики, се става некое лице или група во понеповолна положба врз дискриминаторска основа во споредба со други лица или група лица, освен кога произлегува од легитимна цел, а средствата за постигнување на таа цел се пропорционални, односно се соодветни и неопходни. Па така, доколку еден оглас за работа ги ограничува кандидатите за вработување на возраст до 35 или 29 години, а тоа не произлегува од легитимна цел, односно ова ограничување не може објективно да се оправда, тој оглас за работа претставува дискриминација. Како здружение регистрирано за давање бесплатна правна помош, постапуваме секогаш кога добиваме претставка за дискриминација на која било основа, вклучително и врз основа на возраст во областа на работните односи. Во ваков случај можеме правно да ја советуваме жртвата на дискриминација за начинот на заштита на своите права, како и да помогнеме при поднесување или да поднесеме соодветна претставка до надлежните институции (Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Државниот инспекторат за труд)“, велат од Хелсиншки.

Од Комисијата за заштита и спречување од дискриминација додаваат дека лани и оваа година имаат добиено 34 претставки од областа на работата и работните односи.  Лани имале 25, а оваа година 9, но наведуваат дека не водат статистика за дискриминација во огласите за вработување.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести