Економија, финансии, бизнис

Контакт

БАНКИТЕ „ЗАГРИЗАА“: Ќе се пријават за отпис на долгови!

БАНКИТЕ „ЗАГРИЗАА“: Ќе се пријават за отпис на долгови!
Банките се вклучуваат во владиниот проект за отпис на долгови на граѓаните. Ваква потврда за Фактор стигна од двете најголеми банки во земјава, Комерцијална банка и Тутунска банка. Првиот човек на Комерцијална банка, Хари Костов и на Тутунска банка, Ѓорги Јанчевски потврдуваат дека одлуката за отпис на долговите е веќе донесена во нивните банки.
„Надзорниот одбор на Комерцијална банка на седницата одржана на 31 јули донесе одлука банката да учествува на јавниот повик“, изјави Хари Костов за Фактор.
На истиот ден, одлука за отпис на долговите е донесена и во Тутунска банка.
„Ние ќе се пријавиме, нашиот Надзорен одбор донесе одлуката за тоа на 31 јули“, изјави за Фактор Ѓорги Јанчевски.
Министерството за финансии пред неколку дена објави јавен повик до компаниите што се јавуваат како доверители за отпис на долговите на граѓаните од социјално ранливите категории. До 11 –ти овој месец, менаџментот во компаниите ќе треба да достави изјава до Министерството за финансии за склучување договор за еднократен отпис на долговите на граѓаните кои ќе ги исполнат условите.
„Се повикуваат банките, правните лица кои вршат дистрибуција и снабдување со електрична енергија и оние кои вршат дистрибуција и снабдување со топлинска енегрија, нотарите и извршителите пред кои е поднесено барање за присилна наплата, до Министерството за финансии да достават изјава за интерес за склучување на договор за регулирање на меѓусебните права и обврски за еднократно отпишување на долговите на граѓаните и изјава дека се согласуваат да се откажат од побарувањата поврзани со главниот долг кои настанале по 31.12.2013 година, освен од другите реално направени трошоци (како што се платени судски, нотарски и трошоци за извршување пред суд или извршител, поврзани со главниот долг. Изјавите се доставуваат заклучно со 11 август 2014 година, до писарницата на Министерството за финансии“, беше наведено во Јавниот повик од финансии.
Компаниите, како ЕВН, Топлификација и банките, но и нотарите и извршителите, кои ќе отпишат долгови на граѓаните, за возврат од државата ќе добијат даночен кредит, односно даночно ослободување најмногу до 10 отсто од сумата штио тие ја отпишале како долг. Иако станува збор за мал процент, сепак, Владата смета дека поголем дел од компаниите ќе го прифатат бидејќи станува збор за категорија на гараѓани од која воопшто не ќе можат да ги наплатат долговите. Инаку, Законот за отпис на долгови беше донесен на почетокот на овој месец. За дел од економистите пак оваа мерка се смета како популистички потег и директно мешање во пазарната економија, сокривајќи се зад плаштот на социјална политика. Дополнително, сметаат и дека ваквите мерки, се дискриминаторски во економска смисла и дополнително може да довдеат до ситуација, пред секои следни избори граѓаните да не ги плаќаат сметките во очекување дека повторно ќе им бидат простени долговите, и покрај тоа што Владата ова го најавува како еднократен отпис на долгови. Засега нема информација коку ќе чини отписот на долгови, но според првичните најави може да изнесува и до 12 милиони евра. Сепак, прецизните бројки ќе се знаат дополнително кога ќе се одобрат барањата на граѓаните. Инаку до крајот на месецот треба да биде објавен и повик за граѓаните. Правото на отпис на долгови може да го искористат корисници на социјална помош, корисници на постојана парична помош, невработени лица кои бараат работа подолго од 12 месеци, лица изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или поради инвалидитет. Невработените и лицата изложени на социјален ризик можат да го остварат правото на отпис на долговите под услов во 2013 година заедно со брачниот другар да не оствариле приходи поголеми од 105.600 денари, колку што изнесува годишниот износ на минималната плата, како и да не поседуваат друг имот, освен станбениот објект во кој живеат. Со отписот на долговите се очекува да бидат опфатени 50.000 - 100 000 грагани. С.Н.
Слично

Поврзани вести