Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сиромаштијата коси, очајот расте – што ќе јадам утре?!

Сиромаштијата коси, очајот расте – што ќе јадам утре?!
Околу 4000 граѓани приматели на социјална помош секоја вечер легнуваат со празен стомак и со мислата - што ќе јадат утре?  Секојдневно зависат од топлиот оброк кој еднаш дневно, пет дена во седмицата го добиваат во една од вкупно 41 народна  кујна,  кои министерството за труд и социјална политика ги отвори во рамките на четиригодишниот проект „Народни кујни“,   за намалување на сиромаштијата. Но,што прават овие  луѓе за време на викендот и за празници? Во народните кујни, право на топол оброк имаат само лицата приматели на социјална помош, а кои се на списоците на центрите за социјални работи. Но, во земјава, постојат лица кои се лишени од ваквата заштитна мерка на државата, бидејќи немаат  лични документи или имаат приходи кои ни оддалеку не ги задоволуваат ниту основните елементарни потреби на семејството. Народните кујни, нивниот број и податоците за нивните корисници, не се реален показател за вистинската состојба на сиромашните луѓе во Македонија, вели Душко Христов претседател на здружението „Банка за храна”. На терен сликата е многу поинаква. Има многу гладни луѓе, кои неможат да си обезбедат ниту еден, а камоли три оброци во денот. Најтешко е за најмладите, децата кои се радуваат на секое парче леб, лисната кифличка или сокче. Радоста се гледа во нивните очи, вели Христов, додавајќи дека секојдневно гладта плете разни приказни околу најсиромашните, oд  оние кои се на улица и оние кои и покрај тоа што работат не заработуваат доволно ни за на трпеза. Здружението “Банка за храна” веќе три години е на терен, со оние на кои помошта им е добредојдена. Идејата е да се собере што повеќе храна и таа да се дистрибуира до гладните. А, ги има многу! „Банка за храна Македонија функционира од 2011 година, и тоа по согледувањето на  реалната состојба која говори за алармантно висока сиромаштија на граѓаните. Застанавме зад идејата, да создадеме систем кој континуирано цела годината ќе обезбедува храна за сите оние на кои таа им е потребна. Во Скопје, но и во другите градови низ Македонија. Со намера да изградиме единствен систем и центар, кој ќе ги прифаќа, регистрира и дистрибуира вишоците и донираната храна, а кои се резултат од производството во прехрамбената индустрија – ланци на супермаркети, фирми, фабрики, ресторани, производители  нашето здружение веќе ги постави основните темели на еден посебен механизам според кој функционираат сите Банки за храна ширум Европа. Тоа што од осамостојувањето до денес, го засега граѓанинот во Македонија, кој бележи 30.4 отсто сиромашни, вклучително повеќе од 38 илјади приматели на социјална парична помош,  е неговата куповна моќ, главно пресметана во храна, како примарна потреба, наспроти месечната сума, неопходна за покривање на останатите трошоци. Токму растот на цените особено на храната, ја создаваат и перцепцијата за нискиот животен стандард и сиромаштија во која се живее.Состојбата на терен е повеќе од алармантна, но истата не е од денес – таа е последица на долгогодишната транзиција во која се наоѓа Македонија, а истата се рефлектира и секојдневно расте во поглед на изразената и се поголема социјална исклученост и сиромаштија која е “рака под рака“ со економската криза која владее и во РМ. Многу луѓе легнуваат со “празни стомаци“, истите имаат само ЕДНО прашање “што утре ќе јадам?”.  Многу мал број на лица – фамилии се обраќаат за помош, но уште помалку луѓе се солидаризираат да “пријават“ некој дека му е потребна помош, тоа значи дека секој се “затвора“ во својот агол и си го гледа само своето, можеби и со причина затоа што не знае што носи утрешницата. По основните показатели, се доаѓа до податокот дека во РМ има над 70.000 гладни и неухранети лица, а овој податок го темелиме на неколку параметри, а еден најистакнат е податокот за едногласното изгласување во Парламентот на РМ, за дополнителна помош на социјално загрозените и сиромашни семејства уште по 100 денари на веќе одобрените 600 за справување со енергетската сиромаштија т.е. помош за плаќање на сметките за електрична енергија на 20.000 домаќинства. Ако се земе во предвид дека едно домаќинство брои во просек 3 – 4 члена, тогаш податокот за бројот на сиромашни лица е над 70.000. Ако истите се финансиски немоќни за ел.енергија, истите се немоќни ни за обезбедување на “достојна“ храна за своите фамилии-вели Душко Христов од здружението “ Банка за храна”. Хуманите луѓе и граѓанските организации го одбележуваат денот на храната и денот за борба против сиромаштијата! Во рамки на одбележувањето на Светскиот Ден на храната 16 октомври, како и Светскиот Ден за борба против сиромаштијата 17 октомври, граѓанските хуманитарни организации – СУНА Македонија, Арт Лифе Скопје, Уметност на живеење Македонија, Организацијата на жени од Струмица, Младинска Алијанса од Тетово и  Банката за храна Македонија веќе три  години активно реализираат  хуманитарни акции со цел  да им се помогне на одредени сиромашни и социјално загрозени фамилии земјава. „Преку акцијата Со книга против гладта два викенди во  октомври, на 19  и 26,  од 10- 14  часот на веќе одредени пунктови во Тинекс маркетите во ТЦ Зебра и оној кај Раде Кончар граѓаните  ќе можат да донираат прехрамбени производи за кои ќе им биде – подарена книга. Очекуваме граѓаните да ја изразат  хуманоста на дело. Да донираат производи и да помогнат и други семејства да добијат храна за своите семејства. Овој ден е само повод повеќе да се размислува за сиромашните. Во акцијата се вклучени неколку издравачки куќи, „Македонска реч“, „Македоника“, „Просветно дело, „Издавачкиот центар ТРИ“ и „Моја книга“, многу граѓани од своите семејни библиотеки издвоија дела за да помогнат, а секако очекуваме и помасовна вклученост од сите оние кои сакаат да ја пружат хуманата рака. Ако велиме дека за неполни 3 години успеавме да собереме и поделиме над 40 тони храна, со сигурност тврдиме дека 1/3 од истата ја донираа самите граѓани во над 15 организирани хуманитарни акции. Секоја акција во која се собираше храната и кога истата се делеше е искуство само по себе и за себе. Имено, во Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари вработените – одговорните вклучени во овој центар работат и им помагаат на  над 135 дечиња од над 50 ромски фамилии. Истите беа загрижени како и на кој начин да ги мотивираат децата редовно да доаѓаат во Дневниот центар, а со самото тоа и ги отргнат од улица каде се изложени на разни манипулации и омаловажувања.  Храната,  лебот и лиснатите производи,се доволно атрактивни да го придобијат детското внимание и со тоа од подпросечниот број на деца посетители се зголеми за дупло од претходно, знаејќи дека на крајот од денот ќе добијат леб и лиснати производи за себе и својата фамилија,”додава Душко Христов од здружението „Банка за храна”. Од здружението „Банка за храна” досега помош побарале од надлежното министерство за труд и социјална политика. Сеуште чекаат  на конкретни договори. Успеале да остварат соработката со дел од општините како Струмица, Гази Баба, Тетово,  кои активно се вклучиле во нивните активности за подршка на нивните проекти да им се помогне на најсиромашните. Гладта тропа и на вратите на Европа!  Статистиката е чудна „математика“, истата не е иста од вчера, нема да биде иста ни утре. Над 19 милиони луѓе од Европската унија се под прагот на сиромаштијата. Преку разни социјални програми и директна помош – пред се во храна,   од 2014 до 2020,  секоја година ЕУ  издвојува околу 2,5 милијарди евра за Федерацијата на Банките за храна од земјите членки на Унијата, а преку Националните банки за храна, таа помош стигнува директно до крајните корисници – гладните и неухранетите. Македонската банка за храна од декември 2011 е веќе и придружна членка на Европската Федерација на Банки за храна (ФЕБА), семејството од 247 Банки за храна, од 22 држави од Европа и пошироко. С.Б.
Слично

Поврзани вести