„Балкански барометар 2016“:Песимизам и зачмаеност во Македонија, а секој втор е подготвен да замине во странство
Безмалку 80 отсто од граѓаните на Македонија се или незадоволни или неутрални за тоа како се движат работите во општеството, покажа последното истражување на „Балкански барометар 2016“, кое денеска беше претставено во Сараево и кое покажа дека секој втор граѓанин на Западен Балкан е подготвен да замине во странство.
Барометарот го подготвува Советот за регионална соработка (RCC), што е меѓу владино оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), чија полноправна членка е и Република Македонија.
На прашањето за степенот на задоволство од состојбите во Македонија, 20 отсто одговориле дека се целосно незадоволни, 25 отсто дека се генерално незадоволни, 33 отсто дека не се ниту задоволни, ниту незадоволни, додека 23 отсто се задоволни или многу задоволни. На ниво на Западен Балкан состојбата е исто така лоша. Песимистички расположени околу состојбите во нивните држави се над 60 отсто од граѓаните, а неутрален став зазеле 23 отсто, додека задоволни се само 9 отсто.
Дури 75 отсто од граѓаните на Македонија мислат дека во следните 12 месеци ситуацијата ќе остане иста или ќе се влоши, додека позитивни очекувања негуваат 23 отсто од граѓаните.
Невработеноста, економската состојба и корупцијата се главните проблеми во државата, одговориле испитаниците, а иста е состојбата и со другите држави од Југоисточна Европа. Но, за разлика од нив, во Македонија е многу поголема загриженоста од иселувањето на високо-образовани кадри, политичките расправии, безбедносните прашања и тероризмот, мигрантската криза и малцинските прашања.
Во однос на временскиот интервал за европските интеграции, македонските граѓани се поделени. Дваесет и шест отсто очекуваат дека Македонија ќе пристапи во ЕУ до 2020 година, 25 отсто мислат дека тоа ќе се случи до 2025 година, 16 отсто мислат дека во 2030 година државата ќе влезе во ЕУ, а високи 28 отсто или речиси една третина од испитаниците, мислат дека земјата никогаш нема да стане членка на ЕУ. Пет отсто одбиле да одговорат на ова прашање. Просекот за земјите од Западен Балкан, минус Хрватска, е сличен, со тоа што 15 отсто одбиле или не знаат да одговорат на прашањето.
Во однос на регионот, најголемо поместување има прашањето за корупцијата, кое како загрижувачки проблем го оцениле 27 отсто од испитаниците од седумте земји, за разлика од 2015 кога то процент изнесувал 15 отсто.
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ на презентацијата изјави дека иако Балканскиот барометар 2016 покажал први знаци на економско закрепнување на регионот, и натаму остануваат крупни прашања.
„Она што за мене е најистакнато во овогодинешното истражување, се податоците дека голем број од испитаниците се подготвени да заминат во потрага по подобра иднина. Секој втор испитаник размислува за напуштање на своето општество и барање работа во странство“, изјави Свилановиќ.
Економските показатели на „Балкански барометар 2016“ ги претстави стручниот консултант и истражувач на Институтот за меѓународни економски студии од Виена, д-р Владимир Глигоров. Тој оцени дека резултатите покажуваат „видлива одвоеност помеѓу економскиот и општествениот живот и она што се случува во политиката“ и дека незадоволството од политиката е големо секаде.
„Балканскиот барометар“ за прв пат е објавен во 2015 година. Во истражувањето учествуваат 7000 граѓани и 1400 компании од Албанија, БиХ, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија, а се објавува во два дела - јавно мислење и мислење на стопанствениците.
