Економија, финансии, бизнис

Контакт

БАЛКАНОТ СЕ ПРАЗНИ, А ВО ГЕРМАНИЈА РАСТЕ БРОЈОТ НА СТРАНЦИ: Koлку Македонци, Срби, Бугари, Хрвати живеат таму?

БАЛКАНОТ СЕ ПРАЗНИ, А ВО ГЕРМАНИЈА РАСТЕ БРОЈОТ НА СТРАНЦИ: Koлку Македонци, Срби, Бугари, Хрвати живеат таму?

Голем број Балканци живеат во Германија и таа бројка најверојатно и понатаму ќе расте со оглед на економскaта ситуација во регионот. 

Во Германија живеат 161.044 луѓе со потекло од Македонија. Лани Бугарите биле побројни од Хрватите, а Хрватите ги има во поголем број од косовските граѓани. Податоците на Дестатис, покажуваат дека на крајот на 2025 година во Германија живееле 421.895 Бугари, а бројот на Хрвати бил  413.480. Регистрирани се 323.260 косовски граѓани и 271.285 Срби.  Од училиштата за странски јазици велат дека последниве две години зема замав учењето германски јазик, баш поради желбата на луѓето да се преселат во Германија.

„Возрасните покажуваат голем интерес за учење германски. Го бараат основниот курс за германски, прв и втор степен. За жал таква е ситуацијата, учат за иселување. Има кандидати на кои им се брза и си бараат индивидуални часови“, велат од охридско училиште за странски јазици.

И од агенциите за посредување при вработување очекуваат дека работната сила од Македонија и натаму ќе заминува во Германија.

„Се очекува дека Германија и натаму ќе привлекува работна сила од Македонија. Како што беше досега, очекуваме дека дури бранот ќе биде поголем во иднина. Во некои други држави платите се и повисоки, но тие за жал не се толку отворени за визи. Германија без разлика на тоа колкава е платата, сепак е отворена и пристапот до визи е полесен. Ако и други држави во иднина ги отворат вратите за визи како Германија, луѓето ќе мигрираат и таму“, вели Елена Илиевска, управител на агенцијата за посредување при вработување Футурум.

Кај повеќето нации кои живеат во Германија бројките од 2019 година досега се стабилни, а нагло зголемување има кај Украинците. Ако во 2019 година во Германија имало 143.545 Украинци, во 2025 година нивниот број изнесувал 1.409.565.

Вкупната бројка на странци лани во Германија изнесувала 14.070.225, а за споредба во 2019 година во земјата имало 11.228.300 странци. Во 2018 година, во државата имало 10.915.455 странци. Во Германија голема е и романската заедница која лани броела 903.770 припадници, додека полската заедница броела 839.660 луѓе. Зад нив следни по бројност се Италијанците со над 620.000 луѓе. Унгарци во Германија има над 200.000, а истото важи и за Шпанците. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести